Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази подготвеност на Турција да ја обезбеди потребната поддршка во секоја фаза од мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Во телефонски разговор, претседателот Ердоган и неговиот украински колега Володимир Зеленски разговараа за билатералните односи, како и за регионалните и глобалните прашања, објави турското претседателство на платформата X.
„За време на телефонскиот разговор, претседателот Ердоган ја нагласи важноста на волјата за продолжување на директните преговори меѓу Русија и Украина и рече дека Турција е подготвена да ја обезбеди потребната поддршка во секоја фаза од процесот“, се додава во соопштението.
Нагласувајќи дека сеопфатното примирје ќе создаде потребни услови за почеток на мировните преговори, Ердоган ги повика завојуваните страни да не го пропуштат „прозорецот на можности“, објави Анадолија.
Состанок во четврток
Зеленски изрази благодарност до Ердоган за неговата „поддршка и подготвеност да го олесни дипломатскиот процес на највисоко ниво“, истакнувајќи дека состанокот во Турција би можел да биде значаен чекор кон завршување на војната.
„Исто така, потребно е нашите партнери да обезбедат следење на прекинот на огнот“, рече тој, повторувајќи ја подготвеноста на Киев за директни преговори со рускиот претседател Владимир Путин.
„Претседателот Ердоган и јас се согласивме да продолжиме со заедничките напори за обезбедување мир“, заклучи Зеленски.
Директните преговори меѓу Украина и Русија треба да се одржат во четврток, 15 мај, во Истанбул.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, исто така, би можел да присуствува на состанокот, беше објавено во понеделник од Белата куќа.