Ердоган: Сирија ќе се соочи со последици ако се договори со Курдите

Сподели со своите пријатели

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска имаше телефонски разговори со колегите од Иран и од Русија Хасан Рохани и Владимир Путин, со кои разговараше за ситуацијата во Сирија.

Главна тема на телефонските разговори со Рохани и Путин беше состојбата во Африн и во Идлиб.

Во разговорот со иранскиот колега, Ердоган го информирал Рохани за операцијата на турската армија „Маслиново гранче“, во областа Африн, при што посебно ја истакнал важноста на соработката во борбата против тероризмот. Тие разговарале и за напорите за решавање на сириската криза.

Ердоган, претходно денеска, имаше телефонски разговор и со Путин, при што разговараа за процесот на воспоставување нови набљудувачки места во сирискиот град Идлиб, но и за текот на операцијата во Африн.

Кремљ информираше дека Путин и Ердоган ја потврдиле подготвеноста за поблиска соработка во напорите на Русија, Турција и Иран за ефикасно функционирање на подрачјата, каде е намален интензитетот на борбите во Сирија.

– Во разговорите за ситуацијата во Сирија, посебно внимание беше посветено на начините за натамошно подобрување на соработката во формат Астана (мировни преговори за Сирија одржани во Астана меѓу Русија, Турција и Иран), соопшти Кремљ.

Ердоган во разговорот со Путин истакна и дека сириската Влада ќе се соочи со последици доколку склучи договор со сириските курдски Сили за заштита на народот против турската воена операција во Сирија.

– Ако сирискиот режим тргне по тој пат, тогаш ќе има последици, истакнал Ердоган и најави дека турската офанзива ќе продолжи согласно планираното.

Сириската државна телевизија претходно информираше дека во текот на денот сириските провладини сили планираат да влезат во областа Африн како поддршка на Силите за заштита на народот, против кои е насочена воената операција на Турција.

Како што претходно јави МИА, советникот во администрацијата на зоните под контрола на Курдите во северна Сирија, Бадран Џија Курд утрово соопшти дека властите во Дамаск и силите на сириските Курди постигнаа договор Армијата на Сирија да влезе во областа Африн за да помогне во спротивставување на турската офанзива.

Договорот е показател за се посложената ситуација во северна Сирија, каде курдските сили, сириската Влада, бунтовничките групи, Турција, САД и Русија се вплетени во мрежа од непријателства и сојузништва, комeнтираат аналитичарите.

Турција на 20 јануари почна воздушна и копнена офанзива во сириската област Африн, која е под контрола на курдски борци.

Анкара ги смета Силите за заштита на народот на сириските Курди за огранок на Курдската работничка партија (ПКК) во Сирија. ПКК, која се бори за автономија на Курдите на турска територија, се наоѓа на листата на терористички организации на Турција, ЕУ и САД.

Силите за заштита на народот, од друга страна, беа едни од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), па турската офанзива предизвика тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон.

Leave a Reply