Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека нема намера повторно да се кандидира за претседател, нагласувајќи дека на земјата ѝ е потребен нов устав што ќе го одразува духот на модерното време и демократските вредности.
„Немам намера повторно да се кандидирам за претседател. Нашата единствена цел е да го зајакнеме угледот на Турција. Земјата се менува, светот се менува. Дали навистина верувате дека можеме да продолжиме напред со устав кој е создаден по воен удар и кој сè уште го носи неговиот менталитет? Турција повеќе не може да продолжи напред со таков устав. Ни треба устав кој ќе го предлагаат цивили, а не пучисти“, рече Ердоган, пренесува агенцијата Анадолија.
Ердоган долго време се залага за усвојување на нов устав, кој, според него, би бил „подемократски, поцивилизиран и усогласен со потребите на современото општество“.
Сегашниот турски устав е усвоен во 1982 година, по воениот удар од 1980 година, и иако претрпе голем број измени во текот на годините, критичарите тврдат дека тој сè уште задржува елементи на авторитарен систем и логика на воен удар.
Опозицијата редовно изразува сомнежи за мотивите на Ердоган, тврдејќи дека уставните реформи се користат како алатка за консолидирање на неговата лична моќ и поткопување на независните институции.
Сепак, неговата најава за повлекување од политичката сцена би можела да отвори простор за нова политичка динамика, особено во пресрет на следните претседателски и парламентарни избори.
Ердоган беше избран за претседател по трет пат во 2023 година, а неговиот мандат трае до 2028 година.
Политичките аналитичари сметаат дека прашањето за нов устав би можело да стане клучно во наредните години, бидејќи токму уставната рамка ќе ги одреди правилата на политичката борба во Турција по ерата на Ердоган.