Со 64 гласа „за“, Собранието на Република Македонија денеска го укина екстерното тестирање за основците и средношколците.
По скратена постапка и со потребното Бадентерово мнозинство денеска експресно на првиот ден од новата Влада беа донесени измените во законот за основно и средно образование и законот за наставници со што екстерното тестирање заминува во историјата како лоша реформа на поранешната Влада во образовниот систем.
На расправата сепак не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а во образложението кое пред своите колеги го даде Влатко Ѓорчев, таквата одлука следува по обидот за убиство на поранешниот министер за здравство и пратеник, Никола Тодоров.
Укинување на екстерното тестирање во кампањата на СДСМ беше најавувано многупати, меѓутоа носењето на измените во експресен рок и по скратена постапка е поради доцното формирање на владиниот кабинет, но и фактот дека првиот испит од тестирањето требаше да се одржи во понеделник.
Loading...