Во серијата експлозии предизвикани од пожар во воена база на југот на Казахстан загинаа четворица војници, а повеќе од 60 лица беа ранети, соопштија денеска властите на таа централноазиска земја.
Меѓутоа, не е јасно што го предизвикало пожарот вчера во тој објект во провинцијата Замбил, каде што биле складирани инженерски експлозиви, изјави министерот за одбрана на Казахстан, Нурлан Јермекбаев, на прес – конференција, пренесува Ројтерс.
Војниците загинале обидувајќи се да го изгаснат пожарот што предизвикал серија од десет експлозии, рече министерот, додавајќи дека складираниот експлозив потекнува од објект во градот Арис, каде што бил забележан сличен настан во 2019 година, кога загинале четири лица.
Властите евакуираа стотици луѓе од блиската област и го затворија главниот пат што ја поврзува провинцијата со Алмати, најголемиот град во Казахстан.