Еден пациент во изминатитото деноноќие почина од коронавирус во земјата, а девет се излекувани.
Како што информираат од Министерството за здравство починатиот имал 79 години и е од Дебар. Ова е седма жртва во земјава од Ковид-19.
– Информираме дека утрово на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје почина еден пациент на 79 години, од Дебар. Пациентот е дијагностициран позитивен на Ковид-19 на 23 март, а со влошена здравствена состојба хоспитализиран на клиниката во Скопје на 25 март, велат од министерството.
Денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се испишани 9 пациенти (8 од Дебар и 1 од Скопје) кои на два контролни теста на Ковид-19 имаа негативен резултат. Нивната здравствена состојба, како што велат надлежните, е добра и тие заминаа дома.
Утрово се регистрирани 26 нови случаи на коронавирус во земјата, со што вкупната бројка изнесува 285 дијагностицирани пациенти.
Никола Ивановски