Во чест на ликот и делото на трагично починатиот музички уметник и професор, Филип Стевановски, во Занаетчискиот дом во Куманово се одржува двовечерна хуманитарна манифестација под наслов „Музика за Филип – поддршка за Кочани.
На отворањето на манифестацијата, пред присутната публика се обрати градоначалникот Максим Димитриевски, кој со емотивни зборови ја изрази почитта кон големиот уметник што зад себе остави богата музичка ризница.
На настанот присуствуваа и претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, како и претставници од општинската администрација.
Првата фестивалска вечер беше исполнета со емоции и спомени. Публиката имаше можност да ја проследи промоцијата на делото „Монографија за еден живот исполнет со звук, љубов и уметност“, напишано од неговиот татко Маријан Стевановски, како и прикажување на документарен филм посветен на животот и творештвото на Филип.
Во продолжение, негови колеги и пријатели музичари изведоа композиции и авторски дела на Стевановски.
Втората вечер од фестивалот (вечерва) ќе има интернационален карактер, со настапи на српскиот џез состав FISH IN OIL, како и македонските 3D PROJECT и Oliver Duev Trio, кои преку музиката ќе испратат порака на човечност и солидарност.
Хуманитарниот карактер на настанот е посветен и на загинатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како симбол на поддршка и единство во тешките моменти.
Настанот е во организација на Фондацијата за култура и спорт Куманово, со поддршка на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, како и Министерството за култура и спорт на Република Северна Македонија, во областа на музиката и музичко-сценската дејност.
Никола Ивановски