Џеда: Двајца загинати во пукање пред американскиот конзулат

Сподели со своите пријатели

Во престрелката пред конзулатот на Соединетите Американски Држави во пристанишниот град Џеда во Саудиска Арабија, загинаа две лица, непалски чувар и напаѓачот кој прв отворил оган.

Loading...

Американските и саудиските власти го потврдија инцидентот во средата, велејќи дека нападот е под истрага.

„Едно лице во автомобил застана во близина на зградата на американскиот конзулат во Џеда и излезе од него носејќи огнено оружје во раката“, изјави портпаролот на регионалната полиција во Мека.

Безбедносните власти реагирале и дошло до размена на оган.

Саудиската прес агенција (SPA), државниот медиум, јави за смртта на чуварот, кој бил дел од приватното обезбедување на конзулатот.

Ниту еден американски државјанин не е повреден во престрелката, соопшти потоа американскиот Стејт департмент.

Во соопштението се додава дека „американската амбасада и конзулатот остануваат во контакт со саудиските власти додека го истражуваат инцидентот“.

Бројни напади

Американскиот конзулат во пристанишниот град на Црвеното Море, дом на повеќе од 4,7 милиони луѓе, беше цел на насилство и претходно, вклучително и во 2016 година.

Loading...

Таа година, обезбедувањето идентификувало сомнително лице во близина на паркингот на болницата „Др. Сулејман Фекахе, спроти конзулатот.

Кога му пришле на лицето, „тој се разнел со самоубиствен појас“, соопшти саудиското Министерство за внатрешни работи. Бомбашот е убиен, а уште двајца се повредени.

Експлозијата се совпадна со американскиот празник Денот на независноста, кој се паѓа на 4 јули, како и со крајот на Рамазан истата година.

Три други самоубиствени напади се случија истиот ден, еден во Медина, чија цел беше Пророчката џамија и два насочени кон џамија во источниот град Катиф.

Конзулатот во Џеда исто така беше цел на напад во 2004 година, во кој пет лица упаднаа во зградата со огнено оружје и експлозиви.

Четворица членови на саудиските безбедносни служби беа убиени пред конзулатот, а петмина вработени во конзулатот.

Медиумите во тоа време објавија дека 18 вработени и баратели на виза биле накратко држени како заложници пред да пристигнат саудиските сили.

Тројца од петте напаѓачи исто така се убиени на местото на настанот. Останатите двајца се ранети. Во 2013 година, судот во Саудиска Арабија осуди еден човек на смрт за неговата улога во нападот во 2004 година и 19 други на 25 години затвор. Ал Каеда беше обвинета за нападот.

Loading...