Џамалари, ѕвонци и огнови: Како се славела Василица во кумановско?

Сподели со своите пријатели

Во кумановскиот регион некогаш биле длабоко вкоренети обредните игри под маски, познати како џамалари, кои се изведувале за празникот Василица, на 13 јануари.

Овој стар народен обичај имал силна ритуална и симболична улога, а денес, за жал, е речиси целосно исчезнат.

 

 

Како што вели Анита Стојчевски, кустос-советник при Музеј Куманово, џамаларските игри биле изведувани со јасна цел – да донесат просперитет, благосостојба и бериќетна година за секое домаќинство.

– Овие обредни игри биле изведувани за просперитет, благосостојба на домаќинот и за бериќетна година, посочува Стојчевски, додавајќи дека подготовките за ритуалот започнувале и еден месец порано.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Жена се заканувала на 24-годишна кумановка

Учесниците, познати како џамалари, најчесто биле мажи на возраст од 18 до 70 години, кои се маскирале во зооморфни и антропоморфни ликови.

– Верувале дека колку маската е пострашна, толку повеќе ќе се изгони лошата сила, духовите или караконџулите“, вели Стојчевски, објаснувајќи дека според народните верувања овие зли сили се појавувале во периодот од Божиќ до Богојавление, односно во периодот на некрстените денови.

 

 

Обредната игра имала и изразен шеговит карактер, со различни улоги како мечка, старец, зет и невеста, поп, полицаец, коњ и магаре.

Џамаларите оделе од куќа до куќа, ѕвонеле, викале и тропале, украсени со ѕвонци и клопатарци.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  40-годишна кумановка приведена поради упатени закани кон сограѓанка

– Колку повеќе врева ќе се направела, толку повеќе се верувало дека ќе се изгони злото од домот, истакнува Стојчевски.

Домаќините ги пречекувале со богата трпеза – качамак, топеница, вино, ракија и овошје, а за возврат ги дарувале со брашно, пијалоци и пари.

По завршувањето на обиколката, навечер во селото се палел оган, кој, според верувањата, симболизирал „повторно раѓање на новото сонце, односно испраќање на старата и дочек на новата година“.

Стојчевски потсетува и на постоењето на силно изразена ривалска димензија меѓу џамаларските групи.

– Постоел обичај да се сретнат двете групи, а тоа често завршувало со масовни тепачки, па дури и жртви“, вели таа, посочувајќи дека и денес во село Орашец постојат т.н. џамаларски гробишта.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  По 4. пат протест пред УЈП Куманово против двојно оданочување на странските плати (ВИДЕО)

 

 

Иако џамаларските игри во Кумановско денес не се изведуваат, Стојчевски нагласува дека ваквите обреди се дел од пошироката македонска традиција, со различни називи низ земјата – суровари во Струмичко, бабари во Прилепско и Мариовско, вампири во Мавровско, русалии во Гевгелиско, а најпознати денес се карневалските обреди во Вевчани и Струмица.

Со цел овој обичај да не падне во заборав, Стојчевски го реализираше документарниот филм „Селски џамалари – орашечки момци“, кој го презентираше пред ученици од средните училишта во Куманово.

Никола Ивановски