Две жени се убиени во пукотница во црква во Лексингтон, Кентаки, откако маж ранил полицаец за време на сообраќајна контрола, соопшти локалната полиција.
Напаѓачот, кој е поврзан со двата инцидента, исто така е убиен, објави АП денес.
Несреќата се случила кога полицаец се обидел да запре возило во близина на аеродромот во Лексингтон, но бил повреден, изјави началникот на градската полиција Лоренс Видерс.
Осомничениот потоа украл друго возило и се упатил кон Баптистичката црква Ричмонд Роуд, каде што отворил оган, рече Витерс на прес-конференција.
Во таа прилика, две жени се убиени, едната на возраст од 72 години, а другата на возраст од 32 години, потврди окружниот мртовечник.
Две други лица се ранети во пукотницата во црквата и се однесени во локална болница, соопшти полицијата.
Едно лице се здобило со сериозни повреди и е во критична состојба, додека другото е во стабилна состојба, прецизираше началникот на полицијата.
„Прелиминарните информации укажуваат дека осомничениот имал некаков вид врска со луѓе во црквата“, рече началникот на полицијата.
Пукањето се случило околу 11:30 часот по локално време, кога патролата го запрела возилото откако системот за препознавање регистарски таблички издал предупредување.
„Се молиме за сите погодени од овие бесмислени акти на насилство и сме благодарни за брзата интервенција на Полициската управа на Лексингтон и државната полиција на Кентаки“, напиша гувернерот на Кентаки, Енди Бишеар, на социјалните мрежи.