Две лица загинаа денеска, а шест лица се повредени, од кои две потешко, кога пет ракети истрелани од северот на Сирија го погодија пограничниот округ Каркамис во Турција, изјави шефот на турската покраина.
Според извештаите, ракетите погодиле училиште, две куќи и камион во близина на турско-сириската граница.
Си-Ен-Ен на турски објави дека ракетите биле истрелани од областа Кобане во Сирија контролирана од курдската милиција ИПГ, пренесе Ројтерс.
По бомбашкиот напад на 13 ноември во Истанбул во кој загинаа шест лица и за кој турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини сириските Курди, Анкара соопшти дека ќе ја продолжи операцијата во северна Сирија против милитантите на забранетата Курдистанска работничка партија.
Турција досега изврши три упади во северна Сирија против сириската курдска милиција (ИПГ), за која вели дека е крило на забранетата Курдистанска работничка партија.
Нападите уследија откако Турција тврдеше дека бомбардирањето во Истанбул бил нарачан од сирискиот град Манбиџ.