Еден човек од Јужна Африка е убиен од две лавици, откако тој ја отворил вратата на нивното засолниште за да ги однесе на утринска прошетка, пишува Индипендент.
Вест Метјусон (68) бил искасан до смрт од страна на две возрасни бели лавици што ги чувал, бидејќи тие биле спасени од таканаречената ловна фарма, резерват каде животните се одгледуваат за да се користат за лов во затворен простор.
Сопругата на Вест, Зил (65), се обидела да го спаси својот сопруг од 180 килограми тешките животни, но тие веќе му нанеле фатални повреди.
Неговата снаа, Техри Фергусон, за медиумите изјави дека не знае зошто лавиците го убиле и дека не се обиделе да го изедат. Таа верува дека неговата сламрт можеби била резултат на грубата игра на две големи и моќни животни.
„Треба да бидеме свесни дека Вест не беше толку млад колку што се чувствувал. Сè уште не знаеме што се случи, но можеби тоа била само многу груба игра“, изјави Фергусон.
Истиот пар лавици веќе претходно убиле еден човек. Тие избегале од своето засолниште во 2017 година со качување на дрво и скокајќи над оградата. Потоа нападнале работник и неговиот пријател на соседен имот.
Покојниот Метјусон секогаш потенцирал дека лавиците се пријателски настроени и дека не се агресивни, како и дека ги носат на прошетки по три до четири часа на ден.
Семејството Метјусон води компанија за сафари „Lion Tree Top Lodge“ во близина на градот Ходспрут, на околу 350 км од Јоханесбург.
Снаата на Вест, Техри Фергусон изјави дека лавиците биле успиени и привремено се преселиле во прифатилиште за загрозени животни. После тоа, животните може да бидат ослободени во дивината за прв пат.
„Лавиците сега се безбедни каде ќе бидат згрижени и сакани, а после тоа ќе бидат ослободени во дивината затоа што нема да се вратат повторно кај нас“, рече Фергусон.