Од 16 октомври, со почеток во 22:00 часот, на телевизија Телма ќе почне со емитување новата македонска телевизиска серија – ТВ Бокс. Серијата е работена според истоимената театарска претстава, која е прв проект на независнаото здружение за афирмација Луменетика Проект. Серијата е работена во копродукција со 3Д Проџект Студио, во режија на Златко Славенски, a во неа играат: Ангела Стојановска, Ирена Мирческа, Васко Костовски, Христијан Поп Симонов и Владанка Димковска.
Дејствието на серијата се одвива во една телевизиска станица, каде што имаме шанса да видиме како изгледа животот на телевизиските лица пред и зад камерите. Како вработените во телевизијата се справуваат со последиците од нивните одлуки на приватен и професионален план? Како се одлучува што ќе биде прикажано малите екрани во оваа ера на т.н. пост-вистина? Комбинирајќи ведар пристап и сериозни современи теми, ТВ Бокс ги опфаќа проблемите со кои се соочува современиот човек: од политиката до сексот, од готвењето до депресијата, од љубовните врски до корупцијата.
Владанка и Ангела се од Куманово, тие се дел од тимот на новата серија која ќе зрачи во македонскиот етер, а ние поразговаравме со двете, за нивните впечатоци, но и за она што гледачите може да го очекуваат од овој проект.
КМ: Една поинаква приказна, ТВ проект каков што до сега во Македонија немало, што е она што „ТВ Бокс“ може да им го понуди на гледачите?
Владанка: TВ Бокс е слика за тоа како се претставува вистината денес, еден прекрасен луна парк во кој во собата со искрвени огледала најискривена е ВИСТИНАТА. Лично за мене како проект ТВ Бокс претставува заедничка борба меѓу сонот и суровата реалност. Среќа – сега за сега СОНОТ победува.
Ангела: ТВ Бокс потсетува на важноста на вистината како таква и нејзиното место во денешницата – за оние кои не беа дел од процесот. За нас, оние кои бевме – ТВ Бокс е доказ за тоа дека соништата можат да се остварат дури и во најсуровите услови.

КМ: Колку време работевте со тимот за реализација на оваа интересна приказна?
Владанка: На 13.10.2017 ќе бидат точно две години. На 16.10 ни се емитува првата епизода. Значи сонот на Луменетика се оствари за 2 години и три дена.
Ангела :Луменетика започна со работа пред две години. Првин излезе ТВ Бокс во форма на претстава, а малку подоцна со дополнување на сценариото дојдовме до ТВ Бокс во форма на мини ТВ серијал.
КМ: Ќе внесе ли „ТВ Бокс“ нова перспектива кога се во прашање македонските серии?
Владанка: TВ Бокс веќе е една цела нова перспектива во Македонската култура би рекла. Јас сакам ТВ Бокс да измени работи во Македонската култура, и да постави нови темели за создавање и истражување кога е во прашање уметноста.
Ангела: Без сомнежи. И тоа од повеќе аспекти – серија чие дејство се одвива во телевизиска станица, со 5 актери кои играат просечно по 10 лика, со дијалози напишани од страна на самата екипа и со гости кои се играат самите себе во емисиите кои ги водат нашите ликови.
КМ:Како сте задоволни од вашите ликови? Колку тие се совпаѓаат со она што навистина сте зад камерите?
Владанка : Играме просечно по 10 лика во серијата. Секој од нас. Тоа се 10 различни луѓе, 10000 различни проблеми и 10 различни погледи на светот. Значи борбата да се најдеш себе во секој од нив – или да го создадеш секој од нив во себе е интереснa, задоволува но, секако не е лесна. Би рекла ликовите некако ми помогнаа да се најдам зад камерите (хехе)
Ангела:Кога си ја земаш слободата ти сам/а да си дел од креирање на истите – не можеш да не си задоволен/на.

КМ: Колку луѓе работеа на проектот и како сте задоволни од соработката со останатата актерска екипа?
Aнгела и Владанка: Јадрото беа 6 луѓе.Ние двете, Ирена Мирческа, Васко Костовски, Христијан Поп – Симонов, и режисерот Златко Славенски. А во изминативе две години, многу луѓе влегуваа и излегуваа и секој од нив допринесе на свој сопствен начин во она што сега е ТВ Бокс. Во однос на соработката со актерската екипа – тие се нашиколеги од факултет, Златко беше наш ментор за време на студии – не би можеле да бидеме посреќни и позадоволни што ова го направивме заедно.
КМ: Што ќе им порачате на гледачите кои ја очекуваат оваа телевизиска приказна?
Владанка: Да бидат отворени да прифатат нешто ново и различно. Секогаш. И секаде. Зошто нели така се поместуваат граници? Се надевам дека патувањето низ ТВ БОКС ќе им се допадне.
Ангела: Би им порачала да се подготват за изненадувањата кои следат. И да уживаат во гледањето, исто колку што ние уживавме во создавањето.
https://www.facebook.com/lumenetica/videos/1764801923812438/

