Дваесетина лица за една неделна добиле труење со храна на две различни прослави во Куманово.
Последниот случај е од вчера кога поради труење со храна на домашна прослава околу десет лица завршиле во болница со интензивна дијареја.
– Сите лица се амбулантски решени со рехидрирање, во стабилна состојба се и пуштени се сите на домашно лекување, изјави денеска директорот на Општа болница Куманово, Стефан Трајановски.
Слична клиничка слика имале и 13-14 лица минатата недела, кога со храна се затруле во ресторан.
Како што појаснува директорот Трајановски, симптомите ги развиле многу брзо, но по пружање на здравствена помош и тие биле пуштени на домашно лекување.
– Бидејќи се работи за труење со храна на лица кои што се со слична клиничка слика најверојатно се работи и за ист предизвикувач. Во тек е постапка за точно дијагностицирање и детектирање на изворот на заразата и причинителот на заразата. На инфективното одделение моментално и од двата настана нема задржано лица на хоспитално лекување, појаснува тој.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат е службата која сега треба да утврди што било предизвикувач на заразата.
Лекарите велат дека во период на високи температури, храната многу лесно се расипиува и тоа може да предизвика сериозни компликации.
Апелираат на нејзино соодветно чување и складирање, строго внимавање на хигиената, пред се миење на рацете, но и соодвето одржување на просториите каде се чува и подготвува храна.
Никола Ивановски