Пливачите на Пливачкиот клуб Атлета од Куманово остварија забележителни резултати на Меѓународниот пливачки митинг „Atlas Winter Cup 2025“, на кој настапија бројни реномирани клубови од земјата и од странство.
Во силна конкуренција, Флоријон Рамадани се истакна со освојување на прво место на дисциплината 100 метри градно, како и трето место на 50 метри градно, со што уште еднаш го потврди својот квалитет и спортски напредок.

Покрај него, на митингот настапија и Данило Драшковиќ, Христина Ристевска и Лана Богдановиќ, кои со своите настапи остварија солидни резултати и забележаа подобрување на личните рекорди во повеќе дисциплини.
Од клубот истакнуваат дека овој настап претставува уште една потврда за континуираната и стручна работа со младите пливачи.
„Нашите натпреварувачи покажаа голема посветеност, борбеност и висок спортски дух, освојувајќи медали и подобрувајќи лични рекорди во повеќе дисциплини. Овој настап е резултат на квалитетната работа, континуираниот тренажен процес и правилниот развој на младите пливачи во клубот. Горди сме на сите учесници и им честитаме за нивниот труд, дисциплина и одлично претставување“, изјави тренерот Кирил Пачковски.

Со ваквите резултати, Пливачкиот клуб Атлета продолжува сигурно да напредува и достоинствено да се претставува на меѓународната пливачка сцена.
Никола Ивановски

