Кик-бокс клубот Куманово 2006 освои два бронзени медали на Државното првенство во кик-бокс кое викендов се одржа во Скопје, во организација на Кик-бокс федерацијата на Македонија.

Бронзен медал во ринг дисциплина освои Дамјан Блажевски, додека Немaња Крстевски се закити со бронза во татами конкуренција.
До четвртфиналето стигнаа и Димитар Диневски и Павел Петрушевски, кои со своите настапи исто така дадоа значаен придонес за вкупниот резултат на клубот.

Тренерот на клубот, Сашо Илиевски, изрази задоволство од постигнатото, особено имајќи ја предвид масовноста и силната конкуренција на првенството.
„Со оглед на масовноста на првенството и конкуренцијата, задоволен сум од постигнатите резултати и очекуваме успеси во тековната натпреварувачка сезона. Сите борци покажаа срце и мотивираност“, истакна Илиевски.
Тој додаде дека под водство на претседателот на федерацијата, Дејан Митровски – Урко, федерацијата од година во година станува сè помасовна и поорганизирана.
„Се надеваме дека конечно ќе се увиди заложбата на сите натпреварувачи и тренери за развојот на кик-боксот и дека Министерството за спорт и локалните одговорни институции ќе вложуваат повеќе и ќе покажат поголема заинтересираност за доброто на спортот и развојот на младите луѓе и кик-боксери“, додаде Илиевски.

На шампионатот учествуваа повеќе од 500 натпреварувачи од целата држава.

Никола Ивановски

