ДУИ не донесе одлука, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори

Сподели со своите пријатели

ВМРО-ДПМНЕ не успеа да состави Влада, откако доцна вчеравечер ДУИ по три дена заседавање и дебата не успеа да донесе одлука за продолжување на коалицијата со Никола Груевски.

Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не обезбеди мнозиснство од 61 пратеник тој треба да го врати мандатот кој пред 20 дена му го предаде претседателот Ѓорге Иванов.

Се уште не сме донеле одлука за петте опции што беа на маса пред претседателството на ДУИ и ќе ја продолжиме дебатата по овие прашања во наредните денови. Едногласно заклучивме дека дебатата не може денеска да биде исцрпена и дека немаме доволно аргументи да се определиме за која било од петте опции коишто беа ставени како предмет на дебата – изјави портпаролот на ДУИ Бујар Османи доцна пред полноќ.

Петте опции за кои се дебатираше во ДУИ се: влада со ВМРО-ДПМНЕ, влада со СДСМ, широка коалиција, ДУИ во опозиција и нови избори.

Откако беше позната одлуката на ДУИ, доцна по полноќ со соопштение излезе и ВМРО-ДПМНЕ во кое вели дека нови избори се идеална опција.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата За подобра Македонија како победник на последните избори која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Дали претседателот Иванов мандатот ќе го додели на друг мандатар од ВМРО-ДПМНЕ или ќе го додели на СДСМ и Зоран Заев кои ќе треба да се договорат со сите албански партии, останува да видиме.