Во текот на минатата недела, царинските службеници спречија обид за криучарење дрога, открија три царински измами и спречија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани пари, оружје и муниција, цигари, возило со бункери, делови за возила, тестови за бременост и облека, информираат од Царинската управа на Република Македонија.
Две таблети екстази и 1,5 грама марихуана биле откриени од царинските службеници на граничниот премин Табановце, при контрола на шведски автомобил, со кој за излез од државата се пријавиле двајца шведски државјани. Таблетите екстази биле пронајдени во паричник сместен помеѓу предните седишта, додека марихуаната била пронајдена во зипер кесичка, сместена во кутивче од тутун за жвакање, која се наоѓала на патосот кај задните седишта.


