Драмско- музичкиот перформанс „Македонскиот стожер- Блаже Конески“ е посветен на стогодишнината од неговото раѓање и ќе се одржи вечерва со почеток во 18:30 часот во Занаетчискиот дом во Куманово.
– Блаже Конески и неговото дело се темелот на македонскиот јазик. Азбуката, граматиката, правописот, пишаниот збор… Сето тоа го добивме како аманет од деецот од Небрегово. Во негов спомен, со скромен подвиг го славиме неговото дело, велат организаторите.
Драмско – музичкиот перформанс претставува спој на рецитал и пијано придружба, на дел од неговите нај афирмирани песни: „Везилка“, „Тешкото“, „Љубов“, „Убавите жени“, „Внатрешен дијалог“, „Песна“, „Стерна“, „Починка“ и „Галеб“.
Во рециталот учествуваат актерите: Цветанка Вељковска, Никица Јанковски и Мики Јаневски, кои ќе бидат следени од младиот џез музичар Јован Цветковиќ.
Учесници во музичкиот дел се Мима Младеновска, Анастасија Спасевска и Мартина Митревска (млади вокални исполнувачи).
Сценариото е на Оливера Трајковска, која се јавува и во улога на модератор.
Настанот е организиран од Здружението за општествена одговорност „Биди Своја“, со логистичка поддршка на Фондација за култура и спорт.
Никола Ивановски