Германските власти денеска претресоа 15 локации во врска со неодамнешната забрана за активностите на Хамас, како и на пропалестинската група Самидун, соопшти германското МВР.
Во соопштението се наведува дека претресите се извршени во четири германски покраини и дека се со цел да се спроведе забраната за Хамас и Самидун, кои се означени како терористички организации во Германија, пренесе Ројтерс.
„Продолжуваме со нашата доследна акција против радикалните исламисти“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер.
Фезер истакна дека со забраната на Хамас и Самидун, Германија испрати јасен сигнал дека нема да толерира поддршка за, како што наведе, „теророт на Хамас против Израел“.
Според Министерството, во Германија има околу 450 членови на Хамас, чии активности се движат од поддршка и пропаганда до финансирање и собирање донации.