Доставата и логистиката претставуваат клучни фактори за успешното функционирање на е-трговијата, значајно влијаејќи врз задоволството на клиентите, оперативната ефикасност и вкупната профитабилност на бизнисите.
Ефикасните логистички услуги се основата на е-трговијата, бидејќи ја поврзуваат онлајн трансакцијата со физичката достава на производите.
Без добро организирана логистика, е-трговијата не може да напредува. Просецот на доставата вклучува повеќе чекори – обработка на нарачките, пакување, транспорт и испорака до крајната дестинација – и сите тие се од суштинско значење за обезбедување беспрекорно искуство за клиентите.
Навремената и сигурна достава е клучна за исполнување на очекувањата на купувачите, додека транспарентноста и можноста за следење на пратките се високо ценети карактеристики на една достава.
Како дел од Извештајот за е-трговија во Западен Балкан кој го изработи Асоцијацијата за е-трговија со поддршка на НЛБ беше спроведена анкета на е-трговците од Западен Балкан, каде што резултатите покажуваат дека предизвиците на е-трговците од Западен Балкан се скоро исти за сите.
Најголем предизвик претставува доставата и тоа во однос на проблеми со брзината на достава, високите цени на доставата, доверливоста на курирските услуги, ограничените опции за достава, како и ниското ниво на професионалност на кадарот на доставувачи (оценета со 3.92 за регионот, додека македонските е-трговци го оцениле уште повисоко со 4.55 на скала од 1 до 5).
И според последните достапни податоци на Универзалната поштенска унија (UPU) може да се согледа дека состојбата во оваа област во Западен Балкан е далеку од задоволителна.
Индексот за интегриран поштенски развој (2IPD), кој ги мери факторите како поштена доверливост, опфатеност, релевантност и отпорност, покажува дека ниту една од земјите во регионот не достигнува високо ниво на поштенски развој. Во 2022 година, Србија се рангираше највисоко во регионот со оценка PDL 7, додека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора останаа под PDL 5, што укажува на значителни недостатоци.
Дополнително, податоците на Светска банка за Меѓународниот индекс за логистички перформанси (LPI) ги рангира земјите од Западен Балкан меѓу најслабите во Европа.
Северна Македонија постигна најдобри резултати во “Царина” (43-то место глобално) и “Следење на пратки” (46-то место), но сепак останува ниско рангирана во “Квалитет на логистика и компетенции” (53-то место) и “Инфраструктура” (55-то место). Србија и Албанија се со уште пониски оценки, што дополнително ги истакнува предизвиците во логистичкиот сектор.
„Резултатите од спроведената анкетата со е-трговците од регионот, ја истакнаа доставата како нивен најголем предизвик. Предизвиците со доствата не само што го ограничуваат развојот на е-трговијата, туку и го намалуваат задоволството на потрошувачите и конкурентноста на бизнисите во регионот. За е-трговијата да се развива со побрзо темпо неопходно е да се вложи во модернизација на логистичките услуги и подобрување на нивната достапност и флексибилност. Србија е најнапредна во регионот во однос на развиена out-of-home мрежа за достава, но позитивно е што веќе и во Македонија започнува полека да се модернизира овој сектор. Ако до сега единствен достапен начин на достава на производите беше до врата (home delivery), од неодамна започна поставувањето на пакетомати, кое го најавуваат како услуга повеќе компании, што ќе придонесе за развивање на out-of-home delivery мрежата, a со тоа и развивање на е-трговијата.“ изјави преседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска.
Инаку, годишниот извештај од анализата за е-трговија е изработен со поддршка на NLB Group и беше традиционално презентиран на 7-та регионална конференција за е-трговија. Како шесто издание од серијата, оваа публикација за првпат е објавена на англиски јазик и со проширен фокус кој го опфаќа целиот регион на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.