Редовно тече ревакцинацијата на повозрасните граѓани со „Синофарм“ во пунктот за масовна вакцинација во училишната спортска сала „Перо Наков“ во Куманово, информираа денеска надлежните.
Ревакцина примаат и здравствени работници од приватни здравствени установи. Во просториите на Здравствен Дом, завршена е и вакцинацијата со „Фајзер“ и првата и ревакцинацијата со втората доза.
– Од вчера почнавме со ревакцинација, сè тече во најдобар ред, сите што примија прва доза доаѓаат на термин, на закажан датум и си ја примаат втората доза. Во моментов е кинеската „Синофарм“-изјави-доктор, Сузана Атанасовска од Здравствен Дом Куманово.
Ревакцинацијата ќе трае три недели. Лекарите велат дека е можно од втората доза да се појават, болка на раката, блага температура, малаксаност, но како што потенцираат тоа се минливи, благи и очекувани симптоми. Ревакцината со „Астра Зенека“ се очекува да почне околу средината на јуни.
Здравствениот дом има и мобилна екипа која имунизирала 50-тина неподвижни лица во Куманово.
– На ист начин ќе ја спроведеме и ревакцинацијата, а ако има нови дози и заинтересирани, тогаш нивни блиски треба да дојдат да остават податоци, адреса и ќе ги вакцинираме во домашни услови-изјави Атанасовска.
Досега од почетокот на вакцинација во Здравствен Дом Куманово, дадени се над 15.400 вакцини, „Астра Зенека“, „Фајзер“ и „Синофарм“.