Кујната во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово е целосно реконструирана со сопствени средства на институцијата.
Просториите во кои се приготвува храната за корисниците е формирана пред 40 години, со самото отварање на домот, изјави директорот Дејан Стојановски.
– Овдека се подготвуваат три оброци за 170 корисници. Вкупниот капацитет на домот е 178 корисници, што значи дека домот е прилично голем и осплужува голем број корисници. Уште од моето доаѓање на функцијата реков дека покрај реновирање и подобрување на услови во домот, затоа што како инстутција сме во добра финсиска состојба, нема да застанеме со тие реконструкции, меѓутоа во фокус ќе биде осмислување на времето на престој на корисниците тука во домот. Сметам дека времето како такво треба да биде добро роганизирано и дека можеме да направиме деновите да им поминуваат во староста како такви, рече Стојановски.
Домот за стари лица „Зафир Сајто“, како што вели директорот Стојановски сигурно не е меѓу најлуксузните во државата, меѓутоа има солидни услови и капацитет за престој.
– Интересот не само поради цената туку и начинот на кој се работи со корисниците е голем и постојано имаме нови барања за прием, така да наша обврска е ние услугата и условите да ги подобруваме и да вложуваме и во луѓе и во услови за работа, додаде директорот.
На пуштањето во употреба на реновираните простории за подготовка за храната, присуствуваше и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски кој изрази надеж дека локалната самоуправа ќе изнајде повеќе средства за домот.
– Се смогнаа сили во овие тешки економски услови со свои средства за една ваква капитална инвестиција е за почитување и го поздравувам тоа и понатаму да редат нови успеси со вакви и капитални проекти. Во минатото Домот за стари лица беше една од првите институции која воведе гасификација и денеска сме тука да се пофалиме дека оваа наша јавна институцијата ја направи најсовремената кујна на територијата на Општина Куманово. Сакам да кажам дека вакви институции на ниво на државата има три со сличен капацитет од околу 170 лица. Се надевам дека во иднина ќе обезбедиме и дополнителни средства, не само условите и програмите, туку и да го надградиме капацитетот на бројот на лица за сместување, изјави Димитриевски.
Реконструкцијата на кујната, институцијата ја чинеше околу 92.000 евра.