Жестока борба за трофејот во Купот на Македонија најави тренерот на МКК Куманово, Марин Докузовски, на денешната прес конференција воочи големото национално натпреварување кое стартува во петок во Спортската сала во Куманово.
Екипата на МКК Куманово ќе ги одмери силите со силниот КК Пелистер од Битола со почеток во 19:30 часот.
Како што истакна Докузовски, изминатиот период имаше доста повреди кај играчите, но сега тимот е консолидиран и ќе се бори максимално.
– Од кошаркарска гледна точка ние се наоѓаме во еден период кадешто имавме лош месец затоа што имавме доста повреди и тренажниот процес на беше на највисоко ниво, меѓутоа добро е што сепак се консолидиравме, рече Докузовски.
Тој побара помош и од навивачката група Кумани и вети дека тимот ќе го остави срцето на теренот.
– Сепак сме домаќини и се надевам дека со помош на нашата верна публика со популарните Кумани, сепак иако притисокот ќе биде на нашата страна, од друга страна публиката ќе биде со нас и се надевам дека ќе го оставиме срцето на терен и ќе дадеме се од себе да успееме да победиме уште во првиот натпревар, а понатаму здравје, додаде тренерот.
Инаку за мечот Куманово – Пелистер, најавено е присуство и на навивачката група Чкембари.
Никола Ивановски

