Луѓето во Киев, кој до неодамна беше под силни напади на Русите, топлите денови ги поминуваат на капалиштата и во кафулињата.
Жителите на Киев го искористија убавото и топло време минатиот викенд и се капеа и слободното време го поминуваа на централната градска плажа на брегот на реката Днепар, а само неколку недели претходно главниот град на Украина беше цел на руски напади.
На фотографиите од плажата може да се забележат стотици луѓе како се сончаат, играат одбојка и пливаат.
Сцените од овој град до неодамна беа полни со чад, урнатини и бомбардирање, пишува „Дејли мејл“, потсетувајќи дека во тоа време снегот покриваше поголем дел од градот, додека сега летото донесе релативен мир бидејќи руската војска се повлече во источна Украина.
И покрај убавото време, владее и атмосфера на нервоза, особено кај машката популација, која очекува наскоро да биде поканета на борбените линии, во време кога, според статистиката од Киев, секој ден гинат по 100 Украинци.
Заканата од напад сѐ уште е присутна, претходниот викенд во Киев се огласија сирени за тревога.
Полицискиот час сѐ уште е на сила од 23 до 5 часот наутро, но дотогаш преовладува чувството на „нормалност“, со отворени кафулиња и ресторани, мрморење на гости, чукање чаши.
Родителите и луѓето со домашни миленици шетаат покрај водата. Украинска „Правда“ пишува дека градските спасувачки служби во моментов трагаат по експлозивни направи на градските плажи и на дното на реките Днепар.
Минатата недела градските власти соопштија дека главната градска плажа и плажата Венеција се исчистени од мини, односно дека не се пронајдени.
Добар дел од два милиони жители на градот, кои побегнаа на почетокот на војната, сега се вратиле.
„Луѓето се чувствуваат благодарни, но се прашуваат дали прават доволно за да и помогнат на земјата“, рече Сњежана Вијалко за АП, додавајќи дека таа и нејзиниот партнер неодамна купиле јагоди од трговец со овошје кој го поставил својот штанд каде што пред неколку недели бил контролен пункт со барикади и вреќи со песок.
Сè уште има контролни пунктови, пишува Дејли мејл, но значително помалку од порано. Исто така сообраќајот се одвива нормално.