Лекарите во Њујорк ја извршија првата успешна трансплантација на кожа на лице и рака во светот.
Џои ДиМео, 22-годишен маж, минатиот август бил подложен на 23-часовна операција, изведена од тим од 140 здравствени работници.
Во 2018 година, ДиМео претрпел изгореници на повеќе од 80 проценти од површината на неговото тело во сообраќајна несреќа.
Ампутирани му биле врвовите на прстите и останал без усните и очните капаци. Тој рекол дека операцијата му дала „втора шанса за живот“, пишува Би-Би-Си.
ДиМео се враќал дома од ноќната смена кога заспал зад воланот, а по судирот неговиот автомобил се запалил.
Човекот поминал четири месеци во болница, а добар дел од тоа време бил во индуцирана кома.
ДиМео имал повеќе од 20 реконструктивни операции и може само делумно да ги користи рацете и нозете.
Во 2019 година, тој бил испратен во Академскиот медицински центар во Њујорк, каде минатиот август бил подложен на трансплантација на кожа.
– Сакавме да му обезбедиме операција која не само што ќе му обезбеди естетско решение, туку и ќе ја врати функционалноста на неговите прсти – рече Едуардо Родригез, директор на Програмата за трансплантација на лице.
По операцијата, ДиМео поминал 45 дена на интензивна нега и уште два месеци во болница, каде морал да научи како да ги отвори очните капаци и да ги користи рацете.
Претходно биле извршени две трансплантации на лице и рака, но не биле успешни. Едниот пациент починал од компликации, а на другиот му биле отстранети рацете бидејќи не се опоравиле, соопштија од болницата.
Лекарите во болницата чекале да се осигурат дека трансплантациите во случајот ДиМео биле успешни пред да го соопштат резултатот.
Родригез вели дека ДиМео, кој поминува до пет часа на ден во рехабилитација, е „најмотивираниот пациент“ што некогаш го сретнал.
– Тој сака да спортува, сака да игра голф и сака да се врати на теренот. Јас секогаш сум импресиониран од количината на тежина што може да ја крене и силата на неговото ракување – додаде тој.
ДиМео вели дека сега може да вежба и да подготвува појадок самостојно.
– Ова е подарок што се прима еднаш во животот и се надевам дека е пријатно за семејството на дарителот на органите да знае дека дел од него живее како дел од мене. Јас и моите родители сме многу благодарни што ја добив оваа втора шанса – рече тој.