Евакуациите се во тек или се подготвуваат на Филипините, Тајван и јужна Кина, додека се приближува супертајфунот Рагаса, а тајванската авиокомпанија „Катај Пацифик“ објави откажување на повеќе од 500 летови.
Повеќе од 10.000 луѓе денес се засолнија во училиштата или центрите за евакуација на Филипините, бидејќи обилни дождови и тајфунски ветрови стигнаа до северот на земјата и јужен Тајван.
Се очекува тајфунот, кој се засилува како што се приближува кон јужна Кина, да стигне до копно до пладне кај островите Бабујан на Филипините.
Овие ретко населени острови се наоѓаат околу 740 километри јужно од Тајван во теснецот Лузон.
Филипинската национална метеоролошка служба соопшти дека налетите на ветерот достигнале 265 километри на час во 11 часот по локално време (5:00 часот по средноевропско време).
Претседателот на земјата, Фердинанд Маркос помладиот, напиша на Фејсбук дека сите државни агенции се во состојба на готовност за да обезбедат помош каде и да е потребно.
Во Тајван, метеоролошката служба предупреди на ризик од обилни дождови на истокот од островот.
Евакуации беа спроведени во планинските области во близина на Пингтунг на југ, изјави локален службеник на противпожарната служба.
Хонгконшката авиокомпанија „Катај Пацифик“ денес објави дека очекува откажување на повеќе од 500 летови поради тајфунот што се движи кон јужна Кина.
Како што изјави портпаролката на авиокомпанијата, од вторник во 18:00 часот по локално време (12:00 часот по средноевропско време) до четврток во текот на денот, авионите на компанијата нема да летаат од меѓународниот аеродром во Хонг Конг.
Службите за итни случаи на јужниот кинески град Шенжен објавија дека очекуваат евакуација на 400.000 луѓе пред пристигнувањето на тајфунот Рагас, кој се наоѓа во теснецот Лузон, помеѓу југот на Тајван и северот на Филипините, ова попладне.
Се стравува дека бурата би можела да предизвика штета слична на онаа предизвикана од тајфунот Коин пред две години, кога беа соборени електрични столбови и откорнати лимени покриви.
Училиштата и владините канцеларии се затворени денес во Манила и во 29 филипински провинции во очекување на обилни дождови.
Се очекуваат големи поплави и лизгање на земјиштето на север од главниот остров Лузон, предупреди вчера државниот метеоролог Џон Грандер Алмарио.
Тајфунот ја погодува земјата еден ден по демонстрациите на кои илјадници Филипинци протестираа против корупциски скандал поврзан со проекти за заштита од поплави кои или биле лошо изградени или никогаш не биле завршени.
Секоја година најмалку 20 бури или тајфуни ги погодуваат или се приближуваат кон Филипините, а најсиромашните области на земјата имаат тенденција да бидат најтешко погодени.
Според научниците, климатските промени предизвикуваат почести и поинтензивни екстремни временски промени низ целиот свет.