Во текот на ноќта преовладуваше облачно време, после полноќ имаше повремени врнежи од дожд. Дуваше слаб до умерен ветер од променлив правец.
Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд, на повисоките планини од снег. Особено повеќе врнежи се очекуваат во крајните западни и источни делови на земјава. Ќе дува умерен, повремено засилен југозападен ветер, повеќе ќе биде застапен во западните делови на земјава, каде наместа се очекува да надминува над 60 км/час. Највисоката температура денеска во земјава се очекува да достигне од 9 до 16 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме облачно време со кратки сончеви периоди и слаби врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од источен, односно југоисточен правец. Максималната дневна температура ќе достигне до 15 степени.
До четврток нашево подрачје ќе биде под влијание на серија од влажни воздушни бранови и ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Наместа ќе има услови за на нестабилна облачност проследена со појава на грмежи и засилен ветер, особено во југоисточните делови. На планините особено во западните делови врнежите ќе бидат од снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Пообилни врнежи се очекуваат в среда во западните и јужните делови каде вкупната количина на наврнат воден талог ќе надминува над 50 л/м2.
Од среда ќе дува умерен, наместа повремено засилен северен ветер и ќе предизвика опаѓање на дневната температура.
В четврток сеуште се можни слаби врнежи од дожд, но се очекува постепено стабилизирање и повторно затоплување на времето.