Дневниот центар за лица со посебни потреби го одбележа 3. декември (фото)

Сподели со своите пријатели

Со настанот под името „Гостилница опуштено кај нас“ денеска Дневниот центар за лица со посебни потреби го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3. декември.

Настанот е дел од проектот Продолжено моќно образовно партнерство, кој се реализира со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и Општина Куманово.

Корисниците на Дневниот центар заедно со осумина волонтери за настанот приредија музички точки, но и кулинарски натпревар, со кој сакаат да покажат дека треба да се гледаат сите нивни квалитети, а не само пречките.

– Настанот се нарекува „Гостилница опуштено кај нас“, тие ни припремија неколку точки, меѓу кои музичка точка и натпревар во брза кујна така да корисниците на Дневниот центар ќе имаат можност да ни ги покажат нивните кулинарски способности, а присутните гости да ја дегустираат нивната извонредна храна. Во оваа прилика би сакала да упатам апел до сите угостители во нашиот град, доколку сакаат да ангажираат вакви лица да бидат дел од нивниот персонал слободно да ги контактираат бидејќи тие и те како се способни да работат и треба да ги гледаме нивните способности, а не само нивните пречки, изјави Тања Стефановска, општински проектен координатор.

 

 

Дневниот центар за лица со попреченост, денеска го посети и првиот човек на градот, Максим Димитриевски кој вели дека самите дела покажуваат доволно, со оглед дека има сериозен резултат кај корисниците. Притоа се заблагодари на родителите и волонтерите за реализацијата на проектот.

– Самите дела покажуваат многу, некои од овие наши сограѓани кои денеска се тука ги познавам многу поодамна и гледам дека има сериозен резултат затоа ја користам оваа прилика да се заблагодарам првенствено на посветеноста на родителите, но и посветеноста на сите вас кои учествувавте во реализација на овој проект кој што се одржува и општината дава несебичен допринос како и Министерството за труд и социјална политика. Воедно сакам да искажам дека имаме голем број наши сограѓани кои што имаат потреба да посетуваат вакви Дневни центри, но за жал општината не поседува доволен финансиски, материјален и просторен капацитет да даде еднакви можности на сите наши сограѓани од оваа категорија граѓани, рече Димитриевски.

 

 

Градоначалникот апелираше до централната власт со заеднички сили да креаираат поголем број вакви проекти во делот на давање еднакви можности на сите граѓани.

 

 

Според податоците на Светска здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Ова одговара на околу 15% од светската популација. Во Македонија пак се проценува дека 10% или околу 200.000 жители живеат со пореченост.