Специјалниот претставник на Кремљ, Кирил Дмитриев, денес изјави дека повлекувањето на Украина од регионот Донбас е патот кон мирот.
„Повлекувањето од Донбас е патот кон мирот за Украина“, напиша Дмитриев на мрежата X.
Порано, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека украинските вооружени сили мора да го напуштат Донбас и дека тоа е важен услов за руската страна.
Русија контролира околу 90 проценти од регионот Донбас, а рускиот претседател Владимир Путин постојано повторува дека ако Украина не се откаже од остатокот, тогаш Русија ќе го земе со сила, објави Ројтерс.
Најтешката точка за време на разговорите меѓу американската, руската и украинската делегација во Абу Даби во петокот и саботата беше територијалното прашање, а меѓу другото, беше разговарано и за создавањето тампон зона, објавува рускиот портал Фонтанка.
Трилатералните преговори меѓу Соединетите Американски Држави, Русија и Украина ќе продолжат во недела, 1 февруари во Абу Даби, објави порталот „Аксиос“, повикувајќи се на изјава на американски функционер, пренесува Танјуг.

