Генералниот директор на компанијата „Фајзер“ Алберт Бурла апелираше на владите низ светот да не ги отвораат економиите премногу брзо поради оптимизмот од потенцијални вакцини против Ковид-19.
– Имајќи го предвид притисокот за отворање на економиите, владите не треба да направат грешка и веднаш да ги олеснат рестриктивните мерки, истакна Бурла на една онлајн конференција.
Според него, „вакцината е само едно средство за контролирање на оваа болест“, додавајќи дека „не е далеку времето кога ќе можеме да се вратиме во нормала, но дефинитивно не е сега“.
Тој истакна дека раните фази на националните програми за вакцинација веројатно ќе имаат влијание, бидејќи ќе бидат насочени кон ризичните категории, како што се возрасните луѓе и здравствените работници.
Бурла изрази уверување дека до крајот на 2021 година ќе има повеќе дози на вакцини против коронавирусот, отколку што е тоа потребно за борба против пандемијата.
– Верувам дека до крајот на 2021 година ќе имаме повеќе дози на вакцини отколку што е потребно. Правиме се што е во наша моќ да ги зголемиме производствените капацитети, но проблем е што тоа треба да го направиме во следните неколку месеци, нагласи директорот на „Фајзер“.
Компанијата „Фејзер“ минатиот месец објави дека нејзината вакцина е ефикасна околу 95 отсто. Велика Британија е прва земја во светот која денеска ја одобри употребата на вакцината против Ковид-19, која ја развија „Фајзер“ и германската компанија „БиоНТек“.
Габриела Точко