Директорката на кумановската градинка најави тужба за Кумановски Муабети

Сподели со своите пријатели

Диркеторката на кумановската градинка „Ангел Шајче“ Марина Алексовска и нејзиниот сопруг Жарко Алексовски испратија опомена пред тужба до порталот Кумановски Муабети поради наводна клевета и нанесување штета на честа и угледот.

Во опомената се бара извинување и повлекување на текстот „Сопругот на директорката на кумановската градинка се офајдил со плац по десет пати пониска цена“.

Порталот Кумановски Муабети не чувствува потреба од извинување, затоа што јавниот интерес и правото на јавноста да знаат за евентуални сомнителни активности со државен имот е над се. Документот анонимно пристигна до редакцијата на порталот, истиот не е таен, ниту класифициран и со тоа не постои правна пречка за негово споделување со јавноста.

Адвокатот на брачниот пар Алексовски оваа опомена ја достави до нашата редакција, но со слична содржина опомена пристигна и од вработен во Општина Куманово, Драган Јовановски, кој исто така чувствувал повреда на угледот и честа поради објавениот текст иако неговото име никаде не се споменува.

Воедно повикот со опомена во иднина да се воздржиме од објавување на вакви содржини го сметаме за обид за заплашување, притисок и цензура врз медиум, што е спротивно на начелата за слободно информирање.

Кумановски Муабети и понатаму ќе продолжи да работи во интерес на јавноста, без разлика дали одредени структури на моќ во општината тоа го одобруваат или не.

Leave a Reply