Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска во Брисел нагласи оти постојат големи шанси 2018 година да биде вистинска европска година за Македонија.
Димитров во Брисел, каде денеска по три години се одржа средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адемантиос Василакис, учествуваше на работен ручек со министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати за членство во ЕУ.
Работниот ручек беше во организација на министерот за надворешни работи на Естонија Свен Миксер, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ.
– Денеска е голем ден, големо охрабрување да ја завршиме годината со шанса и можност 2018. да биде европска година за Македонија, рече Димитров.
Тој ги запознал министрите на земјите-членки со постигнувањата на Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските, како и со плановите на Владата и очекувањата во наредниот период.
– По долго чекање чекање цврсто сме решени да ја искористиме оваа шанса. Ги убедував колегите министри за Европа или за надворешни работи земјите-членки дека иако Европа има многу грижи, постои сигурна шанса Македонија да направи видлив успех. Тоа ќе биде добро за нас, тоа ќе биде добро за регионот, но и за ЕУ, рече Димитров.
Тој добил уверување од колегите дека Македонија е на правиот пат, како и охрабрување да продолжи да чекори во таа насока.
Министрите ја истакнале потребата за поддршка на Македонија од страна на земјите-членки за постигнување на долгоочекуваната цел, што поскоро отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Дискусиите на работниот ручек, како што соопшти МНР, биле фокусирани и на перспективите на земјите од Западен Балкан на патот на интеграцијата во ЕУ, во пресрет на очекуваниот развој на настани во рамките на Унијата за време на првото полугодие на 2018.
За февруари е најавено објавувањето на Стратегијата на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер за проширувањето на ЕУ, во април се најавени извештаите на ЕК за земјите, а во мај се одржува самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, за време на бугарското претседателство со Советот на ЕУ.
Димитров во Брисел одржа и брифинг за претставниците на Работната група на Советот на ЕУ надлежна за регионот на Западен Балкан (COWEB) и Работната група надлежна за проширувањето и земјите кои се во преговарачки процес за членство во ЕУ (COELA).
Извор: МИА