Димитриевски: Во Европа треба да влеземе само како Македонци, горди Македонци и да станеме Европејци!

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски вчера гостуваше во Дневникот на Сител телевизија каде главни теми на разговор беа спорот и преговорите со Бугарија и односот кон историјата, евентуалниот неуспех за старт на преговорите како можност за промени во владејачката СДСМ, како и реакциите на јавноста по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС и именувањето на професорот Владо Бучковски за специјален претставник на Владата во разговорите со Бугарија.

Loading...

Во продолжение прочитајте го интегрално интервјуто на Димитриевски:

Ги слушнавме последните денови прилично јасно позициите на бугарската страна во овие преговори или разговори. Што мислите вие за тоа?

– Се разговара за нешто што е недозволиво и бугарската страна ја повторува историјата, за жал користејќи го моментот дека Македонија сака да биде таму кај што се сите развиени и модерни држави во светот, а тоа е Европската унија. Сите оние барања што беа поставени се општо неприфатливи, не само за мене, туку, гледам, и за македонската јавност, бидејќи нема простор за преговори за идентитет, за Гоце Делчев, којшто е сржта на постоењето на македонскиот народ во современата, поновата македонска историја, се родил како Македонец, живеел, работел и загинал за Македонија. Впрочем, вечното почивалиште му е тука во Скопје. Се отворија многу шпекулации во јавноста. Видете, многу лесно е некогаш да му се правите силен на послабиот. Бугарската страна го користи активно овој момент да зграби што е можно повеќе, но верувам дека ќе изнајдеме начин и средства да го надминеме тоа и повторно да ја постигнеме нашата цел, членство во Европската унија, бидејќи НАТО веќе го затворивме.

 

Во овие цели некако многу се споменува НОБ. Вие сте градоначалник на Куманово и верувам кого и да прашате од македонските граѓани, не постои човек кој не се сеќава на прашањето каде пукнале првите пушки во Прилеп и Куманово во НОБ. Може ли да се доведеме во ситуација ова да стане под знак прашалник дали треба да се изучува во македонските учебници по историја?

– Тие историски моменти се неоспорливи факти и за нив постојат живи сведоштва сеуште во Куманово. Имаме живи првоборци и точно многу добро знаеме кој го ослободи Куманово и до каде, кој учествувал во Втората светска војна. Факт е дека Бугарија тогаш во сојуз со фашистите ја окупира тогашна територија на Македонија која беше составен дел на Кралството Југославија, а Куманово го ослободија нашите македонски партизани во соработка со останатите партизански единици кои делуваа на овие простори.

 

Loading...

Се оградивте јавно од изјавите на професорот Владо Бучковски, поранешен премиер на државата и актуелен специјален претставник на Владата во разговорите со Бугарија. Зошто го направивте тоа? Кој дел од неговата изјава ви пречи?

– Сметам дека е направен голем лапсус од страна на Владата со изборот на Владо Бучковски затоа што требало да се види интервјуто за ТВ Европа кај почитуваниот новинар Ѓорѓи Коритаров којшто многу јасно и недвосмислено зборува за некои моменти кои не се дел од општоприфатливата историја која почива на факти коишто се втемелени кај нас и мислам дека истиот нема да даде соодветен придонесе во равојот и разрешување на овие на наметнатите проблеми од една страна, бидејќи овие проблеми не ги отвори македонската страна. Ние се обидуваме да го задржиме тоа што е наше и отсекогаш било наше. Ако се вратиме на сведоштвата низ историјата и сите оние напаѓања дека Македонија и македонскиот народ постои од 1944 година, тоа е апсолутна невистина. Низ историјата на нашиот народ постојат голем број пишани и непишани преродбеници.

Ќе споделам еден пример, од селото од каде што потекнува дедо ми, чие што име го носам, тоа е село Радибуш. Во 1864 година, тогашниот свештеник Ѓорѓи вели во еден записник напишан на старословенски јазик со старословенско писмо дека неговиот татко исто така свештеник го земал името Македонски и се презивал Димитрие Македонски затоа што се чувствувал како Македонец. Желбата да создадеме свој народ и нација влече корени на овие простори од периодот и кога современите нации ги создаваат своите нации во современа Европа. Апсолутно е апсурдно да се оспорува такво нешто, а на ваков начин со една самонегација, особено на луѓе коишто нас би не претставувале мислам дека е погрешен пристап. Затоа и го осудив тоа интервју. Владата треба да го има во предвид ставот на професорот Бучковски, бидејќи нема простор за додворување овде. Единствено што на македонецот му останува во овој момент се фактите и достоинството што нас не одржало низ нашата етногенеза децении и векови наназад да опстанеме на овие простори.

 

 

 

Едно друго интервју предизвика така силни реакции во јавноста, интервјуто на премиерот Зоран Заев и претседател на партијата од која доаѓате. Таму сте и член на Централниот одбор на СДСМ. Претходниот претседател на вашата партија, Бранко Црвенковски излезе јавно и го повика токму ЦО да се огради од ваквите ставови на Заев. Требаше ли да се случи такво нешто?

Loading...

– За мене, повикот на поранешниот претседател Црвенковски е разбирлив, бидејќи ако веќе излегува со еден таков став, а познавајќи го не само него, туку и сите досегашни претседатели на мојата партија, знам дека Црвенковски може да се откаже од сè, но од Македонија и од СДСМ не. И затоа, верувам дека тие пораки се добронамерни. Спрема она интервју кое вчера го гледав на канал 77, гледам дека веќе има одредено омекнување и корекција на ставовите што лично ми е драго. Првичните ставови што беа дадени за БГНЕС не кореспондираа со она што е суштински во нашата држава. Беа изнесени многу ставови со кои сеопштата јавност не се согласува. Јас разбирам дека ние мораме да имаме преговори во кои, како помала држава што сака да влезе во Европската унија, треба да има и одредени помеки ставови во делот на дипломатијата и развојот на нашите односи, бидејќи нашите односи како држави се добри, а односите меѓу граѓаните на Македонија и на Бугарија се одлични. Но, факт е дека во овој момент од бугарската страна, поради тешкиот политички момент во државата и претстојните избори, се наметнуваат одредени тези и сето тоа се затвори, поткрепи со една декларација на нивниот парламент и, всушност, ние имаме еден сеопшт политички консензус. Ако сакаме да добиеме датум за преговори и поддршка од Бугарија, не декларативно како што ја најавуваа неколку години наназад, туку суштинска,  тогаш нашите преговарачи мора да постапуваат во помека форма, но никогаш до момент на самопонижување или, пак, бегање од вистината. Куманово е ослободено од страна македонските партизани. Има живи сведоци, имаме голем број на личности. Еден Трајко Бузо кој е покоен, да беше жив ќе објаснеше како излегол со Томсон пред тогашните сојузнички сили да укаже дека не му е дозволен на ниту еден припадник од страна на Отечествениот фронт, Црвената армија и останатите да влезат како ослободители во Куманово. Од друга страна, Мемоарите на Михајло Апостолски кој е еден од најголемите војнички умови во современата македонска историја, точно јасно и децидно го опишуваат секој момент, а господинот Каракачанов вчера правеше шали со неговото име. Тоа е недозволиво.

 

Господине Димитриевски, слушајќи ве вака се доведува под прашалник она што СДСМ како став го испрати по барањето на Црвенковски за ваков потег, тие му дадоа целосна поддршка на лидерот на партијата, меѓутоа комуницирате ли вие со останатите членови во централниот одбор и каква е поддршката во однос на ова прашање.

– СДСМ е демократска пратија која гради ставови и видувања по одредени прашања, но ова се суштински прашања, каде што на тематски состаноци треба да изградиме јасен, прецизен и дециден  став по однос на сите отворени прашања. Едноставно никој не треба да преземе одговорноста да одлучува поединечно во името на сите. Инаку комуникација секако има со членството и има различни мислења во партијата, што е добро и за развој на демократија во една партија и за развој на едно современо демократско општество.

 

Можат ли да се случат некакви промени во владејачката партија  доколку не се постигне успех да се испорача датум, односно почеток на преговори со ЕУ?

– Јас во овој момент не би сакал ништо да шпекулирам, раководството ја има мојата поддршка, јас сум должен и како општествено одговорна личност и пред се како носител на јавна функција кој добила од граѓаните да ги изнесам своите ставови во јавноста со цел да направам корекции доколку немаме можност да дебатираме на партиски форуми. Факт е дека партиските форуми сега или се одржуваат онлајн или не се толку зачестени како во минатото поради Ковид кризата, но сепак овде се работи за суштински национални решенија и суштински национални интереси и по однос на ваквите интереси е потребен и консензус во партијата и сеопшт национален консензус. Еве денеска ја гледам изјавата на господин Ахмети, која е коректна и во тој дел дава поддршка, односно Албанците кои имаат изградено силно национално чувство, апсолутно го разбираат моментот во којшто ние како Македонци се наоѓаме  и даваат поддршка. Бидејќи не е целта само да се влезе во Европа, ние во Европа треба да влеземе како Македонци, горди Македонци и да станеме всушност Европејци. Меѓутоа и на другите соседи треба да им биде апсолутно јасно дека од Македонец Бугарин не бива, не бива ниту Србин, а уште помалку Грк. Затоа ќе мора да го прифатат тоа врз база на историските факти за да сите како пријатели продолжиме понатаму. Сите ние одиме на годишен одмор во Бугарија, поминуваме одлично моменти со нашите пријатели во Бугарија, тоа се народи кои живеат на овие простори, припаѓаат на словенската група на народи и де факто комуникацијата меѓусебна е разбирлива. Тоа значи дека ние взаемно се разбираме бидејќи говориме слични јазици, но ние не сме ист народ, ние можеме да разговараме за заеднички моменти во историјата но во ниту еден момент за иста историја. Тие заеднички моменти треба традиционално да ги одбележиме заедно во духот на добрососедство и заедничко почитување. Чувствувам од внатре дека секој момент има можност да се апострофира дека македонскиот народ произлегол од бугарскиот, што е неточно  и општо неприфатливо за нас. Од друга страна ако го земам примерот за заедничкото одбележување, кога станав 2017 година прв пат градоначалник и заедничката делегација на ветераните од кумановско и ќустендилско за битката за Страцин каде што беше организирано на државно ниво. Се сеќавам на првиот настан каде што од страна на господинот Иван Сечанов кој бил учесник во таа борба.  По капитулација на фашистичка Бугарија доаѓа од фронт заедно со црвената армија учествуваат во таа борба, од една страна бугарската војска, од друга страна македонските партизани и другите партизански единици заедно атакуваат на германските позиции и господинот Сечанов рече, стриктно ќе го цитирам: Таа војна којашто се водеше, во којашто бугарската страна даде голем број жртви ја спаси Бугарија од третата национална катастрофа и доколку не дојдеше до вклучување активно на бугарските војски во Втората светска бојна, бугарската страна ќе мораше да плаќа големи ребарации бидејќи беше окупациона сила на пошироки простори, во Македонија, во Србија и во Грција. И впрочем на крајот на краиштата сето тоа е историја, ние сега треба да се обидеме врз база на заедничко разбирање да разговараме за иднината. Зошто  овој момент сега се користи за раскусурување на историјата. Таа треба да се остави на историчарите, така како што е предвидено во договорот за меѓу соседски односи. Иако јас лично го немам видено и сметам дека јавноста многу малку знае за него, а ние да разговараме за иднината. Бидејќи доколку Македонија го добие датумот за преговори и почеток за преговори со ЕУ еден од најголемите бенефити по однос на искористување на фондовите од ЕУ ќе го има токму соседна Бугарија, Зошто? Затоа што мене како градоначалник најголем број на луѓе кои што имаат искуство во реализација на европските проекти доаѓаат од токму од соседна Бугарија.

 

Loading...

 

 

Ова покажува дека имате соработка со Бугарија и таа соработка во донесе и орден и тоа не од било кого туку од министерот за одбрана, ВицеПремиерот на Бугарија, господинот Каракачанов, меѓутоа револтиран од неговите изјави јавно му го вративте овој орден. Имате ли некаква комуникација по сето ова?

– Јас немав, никогаш не сум имал комуникација со господинот Каракачанов. Тој има свои ставови, визии, идеи, јасно и свесно ги изнесува и одредени вакви моменти ги користи популистички за билдање на ричот, рејтинг, а тоа факто го покажува неговиот рејтингот кој на неговата партија беше многу низок, пред оваа постапка, а сега е малку зголемен, но сепак за тоа на крајот оценка ќе даде бугарската јавност и бугарскиот народ кој го чувствувам за пријателски. Но факт е дека тоа што излегува од неговите усти и се упатува како порака до нас за мене е апсолутно неприфатливо и самиот гест за доделување на орденот лично до мене го сметам како лицемерен и затоа го вратив во знак на незадоволство и со орденот му ја испратив и книгата The soul of Macedonia, да ги види убаво убавините на нашата Македонија и суштински да разбере какви луѓе сме ние македонците. Бидејќи македонците се луѓе со сопствени корени, со сопствен јазик кој е меѓународно кодифициран, се изучува како составен дел на катедрите на многу Универзитети во светот и тоа е факт од кој не треба да се бега

Leave a Reply