Димитриевски: Утре ќе ја понудиме Платформата за македонско национално единство

Сподели со своите пријатели

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ветената Платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални интереси, од утре ќе ја понуди на парламентарните партии, рече претседателот на Движењето,  Максим Димитриевски на одбележувањето на првиот роденден на партијата.

Loading...

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска со Свечена Академија ја одбележа првата година од основањето.

Претседателот на партијата, Максим Димитриевски  поздравувајќи ги присутните рече дека глетката пред него покажува дека се на вистинскиот пат.

„Изградени на темелите на Илинден и АСНОМ, со своја автохтона, сопствена идеологија, денеска го славиме првиот роденден. За нас Крушевскиот Манифест, Декларацијата на АСНОМ, биле и секогаш ќе останат светост. Од тоа откажување нема“.

Осврнувајќи се на она што е направено од основањето на Движењето досега Димитриевски рече:

„Направивме нешто што досега никому не  успеало. Во краток период на крилата на десетина граѓански здруженија, чиј никулец беше во Куманово  успеавме да создадеме партија, чии корења се шират низ цела Македонија. Успеавме да креираме политики, да создадеме програмска платформа, да понудиме конкретни решенија, да излеземе пред граѓаните на претседателските и на парламентарните избори, да ја добиеме соодветната поддршка и да освоиме шест пратенички места во Собранието на Република Македонија“.

Тој додаде дека Македонија веќе не е црно-бел свет, а е различна и дека покажале дека знаат како, со кого и што им е потребно на  граѓаните и на државата.

Димитриевски потенцира дека се Владата врз база на нивната  Програма која е дел од Владината Програма.

Loading...

„Ние не сме во Владата за неколку фотељи. Ние сме во Владата да преземеме одговорност, да бидеме фактор на стабилност, да креираме  свои политики, да го подобриме животниот стандард на граѓаните, да изградиме законска и безбедна држава, да изградиме вистински соживот, да обезбедиме правда, да направиме реформи и да обезбедиме идните поколенија да останат тука, на оваа грутка земја, затоа што без нашите деца Македонија ја нема. За нас зборот е збор, а испорачаниот резултат е императив“.

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Димитриевски додаде дека се најбрзорастечката сила  на политичката сцена во државата, а кај нив членуваат граѓани од различна политичка провиниенција и идеологија, од различна етничка  и верска припадност, но со јасна определба за Македонија како слободна и демократска држава во која има место за сите кои сакаат да дадат свој придонес за развојот на Македонија.

„Нашето членство, рече тој, – е доказ дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е партија која обединува и која  е отворена за сите. Би сакал да ги реафирмирам нашите пет главни столба, кои беа и основните принципи, но  и нашата визија за влез на Движење ЗНАМ – За наша Македонија во Владата на Република Македонија.

1. Интеграција на Република Македонија во Европската Унија.

2. Република Македонија како современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на асномските вредности.

3. Република Македонија како самоодржлива држава.

4. РепубликаМакедонија како држава што испорачува правда за сите граѓани, која промовира нулта толеранција кон политичкиот криминал, корупцијата и ефикасна борба против организираниот криминал.

5. Стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава“.

Loading...

Димитриевски потенцира дека овие ставови јасно ја определуваат Македонија како национална  држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа,  припадници на различни етнички заедници.

Меѓутоа, како што рече, потребно е секој граѓанин на Република Македонија, да ги почитува симболите на државата – знамето, химната, грбот, јазикот и да работи за доброто на државата и на сите нас заедно.

„Не може и не смее да се дозволи во Република Македонија, Македонците, како народ кој ја основал оваа држава, во неа да се чувствуваат како граѓани од втор ред. Ние ја подаваме раката кон сите што живеат во  Македонија, зашто само заедно и обединети можеме да одиме напред“, додаде тој.

Претседателот на ЗНАМ, Димитриевски се задржа и на определбата на Движењето за членство во Европската унија.

„Движење ЗНАМ – За наша Македонија е јасно определено дека членството во Европската унија е единствената алтернатива за која се залагаме. Тоа е единствената опција. Но, ние, како македонски народ ниту можеме, ниту пак  смееме да се откажеме од македонските национални интереси. На патот кон Европа  мораме да го зачуваме достоинството и самобитноста. Таму сакаме да влеземе со високо крената глава, како и сите други, согласно копенхашките принципи и критериуми. Ние од ЗНАМ први  го промовиравме ставот дека Уставни промени може да има, но со одложено дејство. Или, да преведам, гаранции за нашиот иднетите, јазик, историја, култура, мора да има.

Димитриевски додаде  дека на тој пат кон Унијата потребно е да си го завршиме нашиот дел од обврските, да си го средиме сопствениот двор, да ги изградиме столбовите на нашата куќа, и продолжи:

„Само така,  како средена, стабилна и модерна држава, со силен економски развој, со многу капитални инвестиции и држава во која  институциите уживаат доверба кај граѓаните, со правично судство и обвинителство кои  работат согласно законите, со почитување на човековите права, со здравството кое  е достапно за сите, со образование кое создава едуцирани кадри да  одговорат на сите предизвици и напредок во сите други области, нашиот пат кон Европската унија е сигурен и безбеден“.

Претседателот на ЗНАМ, се задржа и на членството на Република Македонија во НАТО, кое е гаранција на територијалниот и безбедносен интегритет на државата.

Loading...

„Тука би сакал, рече Димитриевски, да ги потенцирам  односите со нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Тие помогнаа во формирањето на македонската држава и покажаа дека, како наши пријатели во многу критични моменти  за нашата држава можевме да сметаме на нивната помош во решавањето на проблемите со кои се соочуваме, особено во меѓуетничките и меѓународните односи. Тие за нас беа тука кога се пишуваше и Охридскиот рамковен договор. Во оваа прилика би сакал да истакнам дека за нас од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Охридскиот рамковен договор е целосно реализиран, исполнет и исцрпен. Се надевам дека соработката со нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави ќе продолжи со зголемен интензитет, ќе се надоградува, ќе се продлабочува и  ќе придонесе нашите односи да бидат на највисоко ниво меѓу двата пријателски народа“.

На крајот од обраќањето претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски рече дека тоа што го ветиле  секогаш го исполнуваат, со политики кои се транспарентни, одговорни, но најважно од се, отчетни.

„На овој голем ден,  на нашиот прв роденден, би сакал  да  испорачам едно од нашите најголеми ветувања на претседателските и парламентарните избори. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија официјално од утре, до сите парламентарни партии ќе понуди Национална Платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските црвени линии. Целта на оваа Платформа е да ги обедини сите политички фактори, да изгради државен став со кој ќе се  обезбеди и гарантира достоинствен пат на Република Македонија за остварување на нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија. Време е Македонија да ја вратиме на Крушевските принципи. ЗНАМ нуди  Платформа за национално обединување, за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата и одговорностите кон идните генерации. За мир, слобода и вистински соживот. Земја која на секој граѓанин му обезбедува спокој, можност за развој и чувство на достоинство. Ве повикувам да се сплотиме околу заедничките вредности. Доста се поделби, раздор и непочитување“, рече претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на Свечената Академија по повод одбележувањето на првиот роденден на партијата.