Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски денеска во гостувањето во „Студио 10“ на телевизија 24 за последните случувања во СДСМ потенцираше дека суштинско обединување не видел никаде и дека нема суштински промени ниту во кадрите, ниту во начинот и пристапот како се работи.
„Сметам дека се работи исклучиво за една празна реторика која нема да има сериозен резултат, но пак му оставам простор на Ковачевски да видиме до каде се неговите капацитети со менаџирање на оваа многу тешка и деликатна состојба. Сепак тој е тој којшто менаџира во моментов, доби поддршка на начин како што ја доби во партијата, исто така доби поддршка во Парламентот, изборите се веќе легитимни и останува на нив да ги видиме првичните резултати. Она од мој аспект што е добро и позитивно секогаш ќе го поздравам, тоа што не е добро ќе го критикувам и ќе понудам решение како тоа да се реши. Имав контакт со Ковачевски, сум контактирал со него повеќе пати и во минатото и сега, но личниот контакт е една работа, а соработката е друга работа. За да соработуваме првенствено треба да имаме усогласени ставови по основните политички теми во државата. Јас сакам да го слушнам мислењето на Ковачевски на тема за Бугарија, за името, на повеќе различни теми кадешто имаше камен на сопнување помеѓу мене и поранешното партиско раководство. Тој беше составен дел на поранешното партиско раководство, но како член во извршен одбор. Во ниту еден момент на моите реакции не слушнав за поддршка или за менување на курсот. Политиката нема простор за взаемни емоции, ние може да бидеме одлични пријатели, лични другари, но првенствено политиката се базира на база на принпици и ставови. Ние со Бугарите не сме еднакви на маса. Ќе продолжам да се водам онака како што се водев и досега во политиката јавно и транспарентно да ги информирам граѓаните за сето она што се случува околу мене и бидејќи јас имам обврска кон граѓаните да им ја соопштам вистината ќе ги примам насоките од граѓаните кои доаѓаат до мене како во овој случај на последните
избори преку изборниот резултат и ќе се движам по тој пат“, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека е социјалдемократ по убедување и лево ориентиран. „Состојбата во државата ми налага во моментот да одам малку кон центарот бидејќи сметам дека само едно централно движење во моментов ќе може да ја изведе на вистински пат Македонија, бидејќи истата во моментот ја управуваат од една локација, тоа е за жал се уште Шипковица. Не велам Мала Речица, Македонија се управува од еден центар Шипковица, каде постојано една политичка партија којашто е моноетничка управува и менаџира со државата последните 20 години, коалицира со едната или другата страна, а едната или другата страна оптоварени со голема желба за власт и превласт се подготвени на сите отстапки како би останале во позиција да владеат. Тоа е погубно за државата и за народот којшто живее во нашата држава, првенствено македонскиот, а потоа и албанскиот и сите останати граѓани во оваа држава која е со граѓански концепт“, рече Димитриевски.
Во емисијата, Димитриевски истакна дека можеби е дојдено време во земјава за нова политичка сила која треба да биде сочинета од многу потранспарентни, отворени посветени политичари кои не само декларативно, туку суштински ќе ги решаваат проблемите на граѓаните.

