Многу реализирани и тековни проекти во инфраструктурата, урбанизмот, екологијата, спортот, образованието, социјалната заштита, културата се содржани во отчетот за сработеното на Општина Куманово во изминатите четири години, за време на вториот мандат на градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој денеска во Занаетчискиот дом во Куманово го презентираше „Отчет 2021 – 2025“ пред граѓаните на најголемата општина во Македонија.
„Изминатите години, сите заедно, посветено ја менувавме сликата на нашиот град Куманово. Овие четири години беа период на многу работа и голем број реализирани проекти. Посветени сме да направиме уште многу работи за наше Куманово да биде модерен европски град. Но, во едно сум сигурен – Куманово продолжува да се менува на подобро! Куманово денеска е посплотена заедница и поквалитетно место за живеење“, порача Димитриевски.
Меѓу издвоените проекти на општината беше споменато дека Општина Куманово е единствена општина во државата, која воведе бесплатен јавен превоз за сите граѓани на сите линии.
Во соработка со Јавната установа Општински ученички дом “Професор Мијалковиќ” е воведена мерката Остварување на право на народна кујна за ранливи категории на граѓани. Беше потенцирано дека се враќа сјајот на култните објекти за Куманово и кумановци: Спортската сала добива потполно нов лик; Се реконструира храмот на спортот – комплексот Соколана. Реконструирани се соколанскиот парк и градскиот парк.
Општината продолжува и со инвестиции за развој на инфраструктурата во индустриската зона Новина и Речица, која привлекува нови инвеститори значајни за развој на стопанството во Куманово.
Се доопремуваат и јавните претпријатија во Куманово. Преку проект за подобрување на општинските услуги, општинските јавни претпријатија добија 12 возила со опрема и механизација.
Со цел решавање на деценискиот сообраќаен проблем изградени се нови 2 кружни текови на клучни локации и тоа: нов кружен тек на крстосницата помеѓу улиците “Гоце Делчев”, “Бајрам Шабани” и булевар “Трета македонска ударна бригада, како и кружен тек и паркинг простор каде што се спојуваат “Трета македонска ударна бригада” и “Октомвриска револуцијa”, а се работи и на отпочнување на изградба на трет кружен тек.
Континуирано се вложува во инфраструктурата со изградени вкупно 13.500м+ атмосферска и фекална канализација, над 4.800м+ водоводна мрежа, над 175.000м2+ асфалтирање и реконструкција на улици и патишта, над 78.000м2 поставен бекатон, над 2.700м+ изградена гасоводна мрежа со дистрибуирани над 5 милиони метри кубни гас до граѓаните и компаниите во изминатите 4 години.
Изградени се нови 6 мултиспорт игралишта со тартан подлога на повеќе локации и тоа: во училиштата „Браќа Миладиновци“ и “Крсте Мисирков“, во ООУ „Вера Которка“ во с. Клечовце, во ООУ „Магдалена Антова“ во на- селба Карпош, во с. Романовце, во Агино село и во с. Пчиња.
Нови 8 детски катчиња за најмладите и тоа: на ул. „Есперанто“; во населба Зелен рид; на бул. „Октомвриска револуција“ – локалитет Водовод; во населба Гоце Делчев; во с. Черкези, во Перо Чичо и на градскиот кеј. Се реализираат низа акции за заштита на животната средина, со засадени над 10.000 садници и расчистени над 50 диви депонии на повеќе различни локации.
„Реализиравме и над 140 проекти и активности во образованието, во училиштата каде што се образуваат и воспитуваат нашите деца. Инвестиравме во подобрување на енергетската ефикасност, во реконструкција на училишни спортски сали, набавка на нова опрема неопходна за квалитетен образовен процес во основните и во средните училишта, во централните и во подрачните затоа што сите деца заслужуваат ист третман и исти услови. Во шест училишта изградивме мултифункционални спортски игралишта, а повеќе населби добија нови детски катчиња“, рече Димитриевски.
Тој потенцираше дека за време на двата досегашни мандати како градоначалник се водел од принципите на посветеност, напорна работа, искреност и отвореност. Најдобро признание за ова е последниот индекс на активна транспарентност од 97.1%, со што Општина Куманово е меѓу институциите на државно ниво со многу добро ниво на активна транспарентност.
„Сите овие достигнувања се доказ дека Куманово чекори напред, со нов урбан лик, со силна поддршка за граѓаните и со јасна визија за иднината. Заедно го правиме Куманово подобро место за живеење. Куманово продолжува да се менува!“, истакна Димитриевски.