Кандидатот за градоначалник на Општина Куманово од Движењето „ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски, во завршницата на изборната кампања се обрати до граѓаните од малиот градски плоштад, повикувајќи ги масовно да излезат на гласање во недела и да дадат поддршка за, како што рече, продолжување на развојот и стабилноста на градот.
– Еве пред сам завршеток на кампањата за избор на следниот градоначалник на Општина Куманово ви се обраќам одовде, од малиот градски плоштад, на ова прекрасно место во градот. Ве повикувам да излезете во недела да го направите вистинскиот избор, бидејќи Куманово продолжува да се развива и да се гради. Куманово заслужува континуитет, Куманово не заслужува импровизација, истакна Димитриевски.
Во своето обраќање тој се осврна и на поддршката што ја добивал од различни заедници во текот на кампањата.
– Одам во текот на кампањата во селата – ми велат, работиш во градот. Одам во градот ми велат, работиш во селата. Одам кај моите Албанци – ми велат, работиш кај Македонците. Одам кај моите Македонци и Срби – велат, работиш само кај Албанците. Но едно е јасно, сите велат дека работам, рече тој.
Димитриевски нагласи дека неговата цел е Куманово да продолжи со стабилниот развој и унапредување на инфраструктурата, ветувајќи двојно повеќе реализирани проекти во новиот мандат.
„Јас имам намера заедно со вас да продолжам да работам. Тоа го работам во изминатите осум години – реализирав над 800 проекти и доколку ја добијам вашата поддршка во недела, ќе продолжам тој број на проекти двојно да го зголемам.“
Во завршницата од говорот, Димитриевски упати повик за обединување и заедничка поддршка на изборите.
„Има проблеми во градот, ги имало. Моја работа ќе биде да го намалам тој број на проблеми. Затоа, бидејќи ве сакам сите вас, го сакам нашиот град, ве повикувам – излезете во недела масовно, дајте ја вашата поддршка за бројот два, за мене, за вашиот градоначалник Максим Димитриевски, бидејќи и Куманово знае, но и Македонија знае.“
Изборната кампања за вториот круг завршува вечерва на полноќ кога започнува предизборниот молк. Изборите се во недела, а Димитриевски ќе биде под редниот број два.
Никола Ивановски

