Максим Димитриевски како досегашен член на Централниот одбор на СДСМ, за Утрински брифинг изјави дека длабоко е разочаран од демократскиот капацитет на локалното раководство на Општинската организација во СДСМ Куманово за постапката со некандидирањето за член на Централниот одбор.
„Лично сметав дека требаше да се остави простор и на нови луѓе да одат во централното партиско раководство и да бидат кандидати за таа партиска функција – член на Централен одбор, јас, Оливер Спасовски, двајцата пратеници кои по функција присуствуваме на ЦО да се иземеме од таа листа и да не бидеме кандидати и да оставиме поголем простор на млади луѓе да се афирмираат во политичкиот живот во СДСМ, па и во јавноста. Првично годините се едно, а искуството е друго. Со добивање на можност на еден млад човек да биде член во партиските органи првенствено се збогатува и неговата биографија, а во втор план се стекнува и со одредено политичко искуство. Ние релативно млади луѓе, јас на 45 години, дури некои од пратениците и помлади, но првенствено има членови во партијата кои исто така се заслужни и можат да бидат дел од раководството на партијата, а највисокото партиско раководство доколку смета дека некој од нас треба да добие повисока позиција во секој момент може да даде предлог на повисоките партиски органи и повторно да се влезе во Централниот одбор“, рече Димитриевски.
Димитриевски потенцираше дека Социјалдемократскиот сојуз го доживува како партија којашто припаѓа на сите, а не партија на група луѓе кои го узурпираат партискиот простор, поставуваат на многу високи челни политички, па и извршни функции луѓе кои се блиски до нив и на тој начин го контролираат целиот тој механизам во партијата, но и во државата.
„Мојата општинска организација е сѐ поблиску до тоа. СДСМ не е акционерско друштво. Таа припаѓа на сите членови, почнувајќи од самите основачи, од самите зачетоци па до најновиот член којшто денеска се зачленил во партијата. И затоа треба да има различни ставови и мислења. Еве денеска, на 27 април, четири години од настаните кои се случија во Собранието и тогаш верувавме сите во една идеологија, бевме подготвени да ги заложиме и сопствените животи за нешто поголемо, поголеми вредности, а тоа е слободата на говорот, демократијата и добробит на граѓаните и државата. Но, се плашам од овој аспект четири години подоцна дека ние се боревме против нешто во што некои поединци од кои најмалку беа присутни тогаш на 27 април во Собранието се трансформираа во нешто такво и на многу сличен начин од позициите коишто ги имаат, управуваат во моментов и носат негативни поени и на мојата партија, но и на државата со начинот како управуваат со одредени ресори“, истакна Димитриевски.
Димитриевски посочи дека во опкружувањето на неговиот претседател на партија и премиер има луѓе кои никаде ги немало во моменти кога било најтешко за СДСМ.
„Го затворија кругот за да не може да се пристапи токму од страна на оние кои директно учествуваа во сите оние настани, промената на тогашната власт, не сакам да зборувам за Груевски бидејќи тој веќе е минато. Сега ние од СДСМ сме на власт и ние ја имаме најголемата одговорност. Ако во минатото ние се боревме за тоа, за Груевски и Мијалков не смееше да се спомне ништо во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и во државата, во СДСМ постои демократија. И додека сум член во таа партија ќе се борам за демократија и за борба на различни мислења и ставови, за да се наметнат на мнозинството и дојдеме во ситуација мнозинството да одлучи. Но, кога имате мнозинство коешто е узурпирано од страна на поединци кои ги користат своите позиции за да не смее мнозинството да се изјасни тогаш ви останува да се борите со сопствени ставови и идеи. Повеќе од сигурен сум дека јас ќе ја добијам поддршката на мојата партија, бидејќи ваквиот начин на однесување би ни купил само карта во една насока, а тоа е да ги изгубиме изборите и не верувам дека некој би си дозволил да изгуби избори поради нарушени суети или поради тоа што не се согласува со еден кандидат, а сепак ужива одредена поддршка во мнозинството“, додаде Димитриевски.