Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, ги отфрли обвинувањата поврзани со музичка изведба на песната напиша за него, на училишен настан, оценувајќи дека станува збор за обид на опозицијата да добие политички поени.
– Можам да кажам дека се обидуваат од опозицијата да „ловат“ ситни политички поени. Првично настанот го организираа советот на родители, сите ангажирани уметници таму беа ангажирани од советот на родители. Во тој момент кога се изведувала песната не сум бил присутен на местото, бев во објектот внатре, не го проследив тоа. Но, како и да е самите нека направат заклучок. Реакцијата и на родителите и на самите ученици, апсолутно никогаш ниту сум дозволил себеси ниту ќе дозволам на мојот политички субјект каде што сум претседател да се злоупотребуваат деца во политички цели. Но, мислам дека во овој момент токму злоупотребата доаѓа од страна на опозицијата со вакви лажни обвинувања“, изјави Димитриевски.
Тој посочи дека изборот на песната не бил нарачан од негова страна, туку е резултат на одлука на организаторите.
„Вие не можете никого да натерате да пее одредена песна ако не сака тоа да го прави, а зошто е интерпретираната тоа треба да се праша организаторите, во овој случај Советот на родителите, претседателот и членовите во ова училиште. Јас ова песна ја немам порачано таа е резултат на ентузијазмот и креативноста на одредена група луѓе кои ја создадоа и истата е достапна на канали и се интерпретира и по свадби на многу други места каде што присуствуваат и млади и возрасни луѓе“, додаде тој.
Градоначалникот повика надлежните институции да го разгледаат случајот доколку постои сомнеж за прекршување на законите.
„Не би сакал да бидам субјективен и нема да се впуштам во дополнителни коментари, доколку сметаат дека законот е прекршен нека поведат постапка, а еве ги повикувам институциите јавно да се произнесат за случајот. Доколку има прекршувања на законот и некој го потврди тоа јас ќе постапам како градоначалник и ќе побарам одговорност. Видете, се пеат различни песни на различни настани, во организација на училишта, општината итн. Многу пати во содржината на истите не се навлегува, но колку што го знам преводот на оваа песна истата има само позитивни, не и негативни, дали има политика во многу песни се споменуваат политичари, јавни личности од светско и локално ниво, оставам јавноста да процени“, изјави Димитриевски.
Никола Ивановски

