Кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, носителката на советничката листа Ивана Ѓорѓиевска, неколку други кандидати за советници и пратеникот од ЗНАМ Даниел Стојчевски, синоќа одржаа собир со граѓани во населбата Вера Которка. На настанот отворено разговараа за приоритетните проекти во населбата, но и генерално во општината, кои треба да придонесат за дополнително подобрување на квалитот за живот на Кумановци.
На присутните им се обрати носителката на советничката листа, Ивана Ѓорѓиевска, која е и актуелен претседавач со кумановскиот Совет. Таа им се заблагодари на жителите од оваа кумановска населба за поддршката што ја давале и ја даваат во конинуитет во работењето на градоначалникот и советот. Ги повика активно да учествуваат во носењето на сите идни одлуки за доброто на општината.
„Многу е важно, секој оној што ќе почувствува дека може да даде придонес за развојот на Куманово во било кој сегмент, да дојде и да даде идеја. Затоа што во целата општина, и во селата, и во приградските населби, и во градот има голем број луѓе кои може да помогнат. Нашата заложба е сите нив да ги пречекаме со отворени раце и да им ги сослушаме внимателно што имаат да нѝ кажат“, нагласи Ѓорѓиевска.
Таа потенцираше дека е потребно Советот на Куманово да има стабилно мнозинство кое со одлуки ќе ги спроведе сите предлози од градоначалникот за реализација на проектите. Но, уште повеќе е важно во Советот да членуваат луѓе кои доаѓаат од секој дел на општината, бидејќи тие знаат најдобро да се борат за интересите на жителите во средините од кои доаѓаат.
На присутните граѓани им се обрати и кандидатот за советник Аце Трајковски кој доаѓа токму од оваа населба. Тој се заблагодари за неговата номинација на советничката листа на ЗНАМ и најави дека ќе се бори да се чуе гласот на жителите од Вера Которка. Ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат масовно и да гласаат за поддршка на нивната кандидатска листа и за кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски.
Вечерва во 19:00 часот, на Градскиот плоштад во Куманово, ќе се одржи промотивната конвенција на Движењето ЗНАМ, на која ќе бидат претставени кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и советничката листа предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Од ЗНАМ ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на настанот каде ќе се промовираат и клучните проекти за подобро Куманово во наредните четири години.
Интегрално соопштение