Во недела граѓаните ќе кажат какво Куманово сакаат и кој да го води во следните четири години, рече кандидатот за градоначалник и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во изборното соочување со противкандидатот Горан Стојковски во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 ТВ.
Му се обрати и директно на кандидатот коментирајќи ги неговата програма и досегашни настапи. „Додека ги направите тие Ваши анализи и стратегии за работење, ќе ви помине мандатот. Од градоначалникот се бара акција и решенија и јас тоа го правам, за сите проблеми со кои се соочувам“, рече Димитриевски во соочувањето.
Димитриевски во студиото извади документи и слики со кои го впери прстот кон Стојковски посочувајќи дека дал согласност да се гради зграда кај локалитетот Серава, врз главниот колектор што може Куманово да го стави во голема опасност при евентуални поплави. Истовремено и јавно го праша за градбите на згради на булевар Октомвриска револуција – „дали свесно ги манипулира луѓето со јавно дадено негативно мислење, а во системот кој ја креира дозволата за градба запишано позитивно мислење и потоа издадено одобрение“.
Актуелниот градоначалник на Куманово ги наведе уште еднаш поголемите проекти што ги реализирал досега – новата спортска сала, Соколаната и Соколанскиот парк, Градскиот плоштад и серија целосно реконструирани улици. Најави и сериозно зголемување на капацитетот за паркирање со катни гаражи и проширување на постоечките паркиралишта, но и изградба на нови . Рече дека општината е во одлична финансиска кондиција со речиси 90 милиони денари на сметката и најави дека во следниот мандат урбано ќе го среди целосно централното градско подрачје.
На крајот во своето обраќање тој ги повика прво во сабота да дадат масовна поддршка на македонската ракометна репрезентација во дуелот со Јапонија, а утредента – в недела да излезат масовно и на гласање.
„Во наше Куманово, и по недела да продолжи континуитетот – градот да расте и да се шири, на младите да им дадеме можност, да се реконструираат сите училишта. Да градиме нови спортски терени, но и да создаваме алтернативи за нови вработувања на младите кумановчани и кумановчанки. Ве повикувам во недела да гласате за бројот 2, бидејќи јас заедно со мојот тим покрај зборови, испорачувам и дела. И, никогаш нема да ветам нешто што нема да можам да го исполнам“, потенцираше Димитриевски.

