Очекувам победа во првиот круг и целосна поддршка од електоратот, рече денеска кандидатот за градоначалник на Општина Куманово од СДСМ, Максим Димитриевски, при остварување на гласачкото право.
Димитриевски посака успех на сите инволвирани во избирачкиот процес, но и упати уверување до кумановци дека ќе направи модерно и урбано Куманово.
– Граѓаните имаат можност после подолг временски период на демократски начин да го искажат своето мислење, во однос на нивниот избор за следниот татко на градот и ќе решат на кого ќе му ја доделат довербата да го води и менаџира Куманово во следните четири години. Ја користам оваа прилика да посакам успех на сите кандидати во оваа политичка борба, а воедно да побарам од сите наши граѓаните да излезат масовно на избори и да го дадат своето мислење за оној кандидат за кој сметаат дека најдоследно ќе ги спроведе своите ветувања во предизвобирните програми со кои излеговме со граѓаните пред нашата општина. Ја користам оваа прилика да ги уверам граѓаните дека сето она за што се залагав и претходно и во предизборниот период, доколку ја добијам поддршката од граѓаните на мојата општина ќе гледам да го реализирам во целост заедно со сите граѓани во Куманово, притоа не правејќи разлика по партиска, верска или етничка припадност. Сметам дека ќе ја добијам поддршката да реализирам еден проект за едно ново, модерно и урбано Куманово, место на живеење на сите кумановци, сограѓани на еден граѓански концепт на управување. Очекувам победа во првиот круг и поддршка целосна од електоратот, тоа го чувствувам, ќе се вложам максимално и целосно, за да го реализирам она што беше ветено до сега и ќе ја насочам целата моја енергија за да дадам нов лик на Куманово, бидејќи ние тоа го заслужуваме како граѓани и како држава, а првенствено како народ кој ја има задолжено Република Македонија многу, изјави Максим Димитриевски.

