„Немаме намера да го оставиме ниту јавното претпријатие, ниту вработените, ниту пак граѓаните без услуга од јавното претпријатие ни од ова, ни во останатите јавни претпријатија,“ порача градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, испраќајќи уверување дека ќе се изнајде системско решение за проблемите во работењето со кои се соочуува Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, упати јасна порака дека јавните претпријатија не смеат да бидат оставени сами во борбата со наследените долгови и дека е крајно време државата, општините и институциите заеднички да изнајдат системско решение.
– Сите јавни претпријатија се соочуваат со фактот дека поради недомаќинско работење, повеќе од дводецениско, се соочуваат со сериозни финансиски импликации. Главниот проблем во „Чистота“ е блокадата финансиска од страна на УЈП за неплатено ДДВ од 2004 година па некаде до 2014 година,“ потенцираше Димитриевски.
Тој посочи дека ситуацијата не е изолирана само во едно претпријатие, туку и во други сектори:
– Многу слична состојба ви е само во однос на неплатена вода и водени давачки во ЈП „Водовод“, претходно слична ситуација беше и во ЈП „Пазаришта“, а ако се сеќавате и „Куманово паркинг“ беше финансиски блокирано до моето доаѓање на челна позиција во Општината.“
Димитриевски нагласи дека за разлика од минатото, денес има политичка волја и институционален капацитет за решавање на овие наследени проблеми.
– Јас како градоначалник и менаџерските тимови таму нема да го дозволиме тоа. Сега наместо да се засрамат тие што ги доведоа тие јавни претпријатија во таква состојба, денеска сме сведоци како пишуваат колумни и како ни кажуваат како требало да биде. Не. Некој се обидува да спаси нешто што е умрено пред повеќе од десетина години, вели тој.
Во конкретниот случај со ЈП „Чистота и зеленило“, долгогодишниот товар од обврски кон УЈП довел до извршни постапки кои, според градоначалникот, се спротивни на законот.
– Вие согласно закон не можете да извршувате јавно претпријатие кое е давател на јавни услуги и преку тоа извршување да ја загрозувате состојбата на градот и граѓаните. За жал овде постојат политичко-судско-медиумски – квази медиумски контакти и интересни групи кои се обидуваат по секоја цена да наштетат на актуелната локална власт, вели градоначалнико.
Тој увери дека во соработка со Министерството за финансии, Општината е посветена на решавање на проблемот.
– Во моментот разговараме и со владата да се сондираат сите долгови на јавните претпријатија во државата и бараме начин со ресорната министерка за финансии како да се обидеме јавните претпријатија да ги извадиме од оваа тешка финансиска дубиоза.“
Градоначалникот посочи дека блокирањето на средствата за работа, како компјутери и основна техничка опрема, го попречува нормалното функционирање на претпријатието.
– Не може согласно закон вие да ми го земете компјутерот на кој јас ги евидентирам моите податоци за сметки, претплатници и кој плаќа, кој не. Тоа извршување кое во моментот се случува е апсолутно спротивно на закон. Не знам кој извршител и по кој основ, и кој судија може да дозволи такво нешто, изјави Димитриевски.
Потсетувајќи дека при неговото доаѓање во 2017 година четири од шест јавни претпријатија биле во блокада, а општината со долг од 15 милиони евра, Димитриевски истакна:
„Денеска се две во блокада, долгот на јавните претпријатија е намален, а долгот на општината воопшто го нема. Општината е комплетно стабилна.“
Градоначалникот испрати порака на уверување кон граѓаните дека нема да ги остави ниту ова, ниту другите јавни претпријатија блокирани.
– Работиме да изнајдеме модел, преку буџетски средства, преку поддршка од централната власт, да се создадат услови јавните претпријатија да продолжат да ги вршат своите функции, додаде Димитриевски.
Никола Ивановски