Димитриевски најави нови паркинзи, зелени површини и детски катчиња на „Октомвриска револуција“

Сподели со своите пријатели

Кандидатот за градоначалник на Куманово од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, во обраќање до жителите на комплексот згради на булеварот „Октомвриска револуција“ најави низа проекти насочени кон уредување на јавниот простор, подобрување на инфраструктурата и зачувување на зеленилото во овој дел од градот.

– Во следниот мандат сите партерни содржини околу вашите згради ќе бидат уредени, воедно ќе бидат проширени сите постоечки паркинг простори, уредно одбележани, составен дел на втората зона за паркирање којашто ќе биде целосно бесплатна за сите вас коишто сте со место на живеење овде со адреса,“ изјави Димитриевски.

 

 

Тој најави дека партерното уредување ќе опфати поплочување на просторот меѓу зградите, поставување нова урбана опрема, создавање дополнителни паркинг места и оформување нови зелени површини.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово Скелетонс организира прв турнир во флег фудбал во Македонија

Втората паркинг зона, како што рече, ќе важи за месните заедници „Панче Пешев“ и „БС Гојчо“ и ќе биде целосно бесплатна за жителите со пријавена адреса на живеење во овој дел од градот.

Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на зачувување на зелените површини и спречување на прекумерната урбанизација.

– Дополнително сите зелени површини, вклучувајќи го и „Ореов лад“, ќе бидат задржани со акцент дека нема да дозволам урбанизација на таа содржина, туку на таа локација ќе се изгради нова детска градинка и дополнително нови зелени површини, бидејќи сметам дека Куманово не заслужува таков тип на градби, особено во централно градско подрачје,“ истакна кандидатот од ЗНАМ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Алкохол и електронски цигари запленети на ГП Табановце (ФОТО)

Димитриевски најави дека нема да се дозволи градба на нови згради на неколку чувствителни локации во централното градско подрачје.

На местото на поранешните објекти кај Табакана ќе се отстранат времените градби, ќе се направи нов паркинг простор, детско катче и зелени површини.

Идентичен пристап ќе биде применет и кај „СкараКајЖмара“, каде што ќе се изгради спортско-рекреативен комплекс и ново место за игра на најмладите.

Во рамки на комплексот К4, пак, нема да се гради нова улица ниту нови згради, туку ќе се реконструира постојното детско катче, ќе се уредат зелените површини и ќе се прошири постојниот паркинг простор.

– За тоа ќе отвориме нови градежни зони каде што инвеститорите ќе можат да продолжат да инвестираат и градот да се шири надвор,“ додаде Димитриевски, нагласувајќи дека урбаниот развој на Куманово мора да оди во насока на рамнотежа меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Дојави за бомби низ основните училишта во Куманово

Во своето обраќање тој ги повика граѓаните да излезат на изборите и да го поддржат неговиот план за континуитет и развој.

– Ве повикувам масовно да излезете во недела и да ја дадете вашата поддршка за мене, вашиот кандидат Максим Димитриевски, бидејќи сметам дека Куманово заслужува континуитет и да продолжи да расте, да се развива и да се гради,“ порача тој.

Никола Ивановски