Димитриевски најави нова детска градинка во населбата Зелен Рид со капацитет за над 400 деца

Сподели со своите пријатели

Кандидатот за градоначалник на Куманово од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски најави изградба на нова детска градинка во населбата Зелен Рид и комплетно уредување на просторот.

– На оваа локација овде кај што е планирана изградба на детска градинка, во минатото беа дадени милионски суми за оштета по судска пресуда од страна на општината кон поранешните сопственици на земјиштето. Денеска дојде време да се обезбедат средства за изградба на нова детска градинка со капацитетот над 400 деца и комплетно партерно уредување на цел тој простор, што дополнително ќе ја оплемени оваа населба, изјави Димитриевски.

 

 

Тој додаде дека во план е и завршување на повеќе инфраструктурни проекти во овој дел од градот.

– Исто така сакам да ве информирам дека е во план и изградба и довршување на сите краци на улица АВНОЈ и завршување на фекалната канализација којашто е децениски проблем. За сите проекти се обезбедени средства преку Владата на Република Македонија и во следниот период општината истите ќе ги реализира, рече кандидатот.

На крајот, Димитриевски ги повика граѓаните да му ја дадат својата поддршка на претстојните избори.

– Ве повикувам да ми ја дадете вашата поддршка со цел Куманово да продолжи да расте и да се развива. Одиме нов резултат за нова победа за наше Куманово, порача тој.

Никола Ивановски