„Мојата кандидатура за нов градоначалнички мандат не е политичка одлука. Тоа е љубов кон градот, посветеност кон потребите и барањата на граѓаните, и одговорност за подобра иднина на новите генерации,“ порача градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во своето обраќање до јавноста.
Тој истакна дека Куманово е местото каде што сите се родени, живеат и ја градат својата иднина, а секој агол на градот му е добро познат. „Го знаеме секој агол, знаеме како дише градот, кои се предизвиците и можностите. Куманово е нашата мотивација,“ нагласи Димитриевски.
Во своето обраќање посочи дека изминатите осум години работел чесно, посветено и транспарентно за граѓаните, но и дека секогаш има простор за повеќе. „Работиме без застој, но секогаш има простор за повеќе,“ додаде тој.
Димитриевски потенцираше дека Куманово не е само општина, туку дух, традиција, темперамент и заедничка гордост. Тој изрази уверување дека само со заедничка работа може да се продолжи развојот на општината, како место каде младите ќе останат да живеат.
„Куманово ќе продолжи да оди напред, ќе продолжи да се менува, затоа што тоа е нашето заедничко дело и наша гордост,“ порача градоначалникот.