Мислев дека по службена должност се информирани, вели градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, откако министерот за здравство Венко Филипче вечерва на прес конференција рече дека владините функционери не биле запознаени дека градоначалникот и Штабот за заштита и спасување биле тестирани за присуство на коронавирусот.
– Малку сум изненаден зошто толку многу се разговара за здравјето на нас функционерите, а не се разговара за граѓаните. Што, нашата функционерска кожа е поскапа од таа на граѓаните? Јас не сум се самотестирал, туку сите членови на кризниот штаб беа тестирани по барање на епидемиологот, кој дирекно работи и со Министерството за здравство и просто сум изненаден зошто за тоа треба да се информира. Во овој случај се зема тест и на целиот штаб, како ризична група со голем број на контакти и на сите луѓе кои работеа во градот на критични места за дезинфекцијa. Тие информации одат во Министерството и резултатите се враќаат назад. Мислев дека се по службена должност информирани“, рече Димитриевски во вестите на Телма.
Главното прашање според Димитриевски е зошто резултатите доцнеле пет дена.
– Прашањето главно е зошто резултатите доцнеа 5 дена. Во овој момент можеби дополнително се подгреваат страстите во јавноста. Јас сум командант на кризниот штаб, им посакувам добро здравје на министрите и премиерот, верувам дека беа добро заштитени вчера и жалам што ние имаме позитивни тестови“, рече Димитриевски.
Вкупно пет лица од штабот се заболени, информираше денеска градоначалникот Димитриевски.
Никола Ивановски