„Куманово мора да биде нов регионален центар и движечка економска сила на овој дел на Балканот“, вака кандидатот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски ја отпочна својата кампања денеска од градскиот плоштад во Куманово за претстојните локални избори.
Откако им посака среќа на своите противкандидати, Димитриевски истакна дека во трката за нов мандат влегува со утврдени резултати.
– Над осумстотини реализирани проекти во изминатите осум години, многу изградени улици, фекална и атмосферска канализација, водоводни мрежи, капитални проекти, поголем број на училишни спортски сали, над 19 спортски игралишта, реконструкција во половина од основните и средните училишта коишто не беа чепкани со децении, изјави Димитриевски.
Се осврна и бесплатниот јавен превоз, кој вели не беше во програмата, но сепак е реализиран како единствен таков проект во државата, кој е субвенциониран и бесплатен за сите граѓани.
Во однос на економските потенцијали на градот, Димитриевски вели дека Куманово заслужува да стане нов регионален центар, место каде ќе се развива регионалната економија, а ќе се зголемува бројот на работни места со домашни и странски инвестиции.
– Постојат такви можности и потенцијали и веќе во моментов се работи на тоа. Потврдени се голем број на инвестиции коишто се инвестираат во градот, тргнувајќи од инвестицијата на ЛИДЛ, којашто е веќе над 108 милиони евра, дополнително други компании како Армос плус, Дрекслмаер и домашни компании стопанственици коишто реинвестираат во нашиот град, рече тој.
Целта вели, е да се зголеми економскат амоќ на граѓаните, а младите да останат да работат, творат и создаваат тука во Куманово.
Најави поголема можност и директно учество на младите во носење на одлуките.
– Во претстојната кампања и во следниот мандат, којшто ги повикувам граѓаните на Куманово да ми го доверат, ќе дадеме поголема можност на младите луѓе и директно нивно учество во носење на одлуките и одлучување за иднината на нашиот град, изјави Димитриевски.
ЗНАМ, вели, е политичка партија којашто се идигна од граѓаните, а самата кандидатска листа за советници има граѓански претставници, „нови луѓе коишто имаат личен интегритет, авторитет и можност да работат и творат во континуитет.“
На крајот ги повика граѓаните да ја следат неговата кампања и сами да донесат своја одлука. Воедно најави фер плеј кампања.
Никола Ивановски