Димитриевски: Куманово ќе продолжи да расте како град на заедништво, стабилност и развој

Сподели со своите пријатели

Со порака за единство, посветеност и натамошен развој, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, се обрати на свечената седница на Советот на Општина Куманово по повод 11 Ноември – Денот на ослободување на градот.

 

 

Во своето обраќање, тој потсети дека Куманово денес бележи повеќе од пет века постоење и над осум децении слобода, која, како што истакна, е заслужена од храбрите борци кои го ослободија градот.

„Денеска бележиме 506 години постоење и 81 година слободно функционирање, за што им должиме огромна благодарност на храбрите херои, кои застанаа гордо на страната на својот напатен народ, обезбедувајќи слободно секојдневие,“ рече Димитриевски, додавајќи дека „аманетот што ни го оставија е наша обврска за развој и унапредување на државата, сочувување на македонскиот идентитет, јазик и традиција, одржување на доверба, создавање на нови искрени пријателства.“

 

 

Градоначалникот најави дека локалната самоуправа ќе продолжи активно да работи во интерес на граѓаните.

„Ќе продолжиме да се залагаме за добивање на нови проекти и нивна успешна реализација, преку тековни програми за работа, во интерес на потребите на граѓаните. Обврската за раст и развој на наше Куманово ќе ја исполниме со внимателни и сериозни чекори, кои ќе донесат последователно унапредување на животните услови на секој човек, кој има намера да живее на ова тло,“ нагласи Димитриевски.

 

 

Тој порача дека Куманово останува пример за мултиетничка заедница и симбол на соживот и разбирање меѓу различни етнички групи.

„Да останеме познати по стабилната мултиетничка средина, која ја сочинуваат припадници на бројни етнички заедници со своја традиција и култура, како дел од напредната приказна на Куманово,“ рече градоначалникот.

 

 

Во продолжение од говорот, тој се осврна и на резултатите што општината ги постигнала во изминатиот период:

„Досега реализиравме суштински значајни проекти од сите општествени сфери: инфраструктура, образование, заштита на животната средина, социјална, здравствена и детска заштита, култура, спорт. Добивме видливи резултати, на огромно задоволство на граѓаните од градска и рурална средина.“

 

 

Димитриевски ја потенцираше важноста на заедничката работа и тимскиот дух, велејќи:

„Различни сме по идеологија и размислувањата, но единствени во мислата – заедничка соработка преку тимско делување, одговорност во постапките, отвореност за нови идеи и предлози, континуитет во приоритетните заложби за доброто на граѓаните, како позитивни чекори, кои ќе го задржат единството и ќе обезбедат напредок.“

 

 

Градоначалникот го заврши своето обраќање со честитка до граѓаните:

„Посакувам безброј празнични денови, кои ќе не потсетуваат дека националните вредности и традицијата се сакаат со срце и претставуваат наше единствено богатство. Нека ни е среќен и вечен 11 Ноември, Денот на ослободување на Куманово!“

 

 

 

 

 

 

 

Никола Ивановски